За 20 литри во секунда е зголемена потрошувачката на вода во Велес
Во изминатите осум дена со поларни зимски температури зголемена е потрошувачката на вода во Велес од просечни 110 л/сек на 130 л/сек. Дваесетте литри вода во секунда повеќе граѓаните ги трошат со тоа што во ноќните часови ги оставаат отворени славините на чешмите во домовите со цел да не дојде до мрзнење.
– Оваа потрошувачка иако е зголемена не претставува опасност од недостаток на вода затоа што има доволно сурова вода за производство, а и капацитетот на Фабриката за преработка на вода далеку ја надминува потрошувачката, така што не постои потреба од загриженост кај граѓаните за можни рестрикции во водоснабдувањето, рече портпаролката на ЈКП „Дервен“ Тодорка Пенкова Андреевска.
Од велешкото јавно комунално претпријатие соопштија дека не бил зголемен бројот на дефекти на водоводната мрежа и затоа немало губитоци на вода. Сепак од „Дервен“ проценуваат дека во моментов е тешко да се добие попрецизна слика за состојбата затоа што кај голем број домаќинства има замрзнати водоводни инсталации, и не може да се утврди дали замрзнувањето предизвикало оштетување или не.
– Очекуваме кога студениот бран ќе попушти да се утврди реалната состојба, и тогаш ќе се превземат сите мерки за санација на евентуалните оштетувања на водоводната мрежа, рече Пенкова Андреевска.
Јавното комунално претпријатие во Велес упати препорака до граѓаните кои се обидуваат да ги одмрзнат водоводните инсталации користејќи грејни тела тоа да го прават внимателно и на одредена оддалеченост од инсталацијата и во никој случај да не се користи директен пламен врз цевките или водомерот. Нивниот апел следи откако се појавил случај во кој граѓанин поради невнимателност предизвика значително оштетување на водоводна инсталација во неговиот дом./У.Ј