Ќе се вдомат и ловџиите во Неготино
Со поставување на камен темелник започна денеска изградбата на новите простории на Ловното друштво „Вардар“. Тоа е едно од најстарите во државата во кое членуваат околу 300 ловџии на подраќјето на општината. Ловџиите, освен по хајките на опасен дивеч, се познати и по посветеноста за прихранување на дивите животни и птици, во зимски услови. Започнатата изградба на просторот што ловџиите ќе го користат како свое место за состаноци и подготовки за ловење собра денеска поголем број од нив.
– Просторот ни е повеќе од неопходен. Нашето друштво брои околу 300 ловџии. Се надеваме дека со вселувањето ќе решиме сериозен проблем со кој се соочуваме повеќе децени, рече Димче Михов. Тој е претседател на ЛД „Вардар„ во Неготино.
Градоначалникот Ванчо Апостолов додаде дека изградбата е овозможена откако општината ја продаде старата и руинирана спортска сала „Партизан“ со цел на локацијата да се изгради модерен станбено-деловен објект. Во овој објект е планиран канцеларискиот простор на ловџиското друштво.
-Локалната самоуправа има континуирана соработка со сите, па и со ловното друштво Вардар. Сега го решаваме и нивниот просторен проблем,рече Апостолов.
Новиот ловџиски дом треба да биде изграден за два месеци. Канцеларискиот простор во објектот чини 2 милиони денари. /Б.Н.Т