Николовски: „Потребен е интервентен откуп на грозјето“
Владината мерка за субвенционирање на винариите со три денари нема да помогне во решавањето на проблемот со откупот на винско грозје, смета дополнителниот заменик министер за земјоделство на СДСМ, Љупчо Николовски. Тој денеска беше на средба со лозарите во Неготино. Рече дека се потребни системски мерки и интервентен откуп за решавање на проблемот со откупот на грозје.
„ Минатата недела токму од тиквешијата побаравме инспекторите да кренат раце од лозарите, да престанат манипулациите на државните органи и на инспекторите поврзани со измените на законот за вино и тој да се применува така како што е донесен, а не да се прави повторно притисок врз откупувачите и лозарите. Клучно е она што навремено, пред било кој друг побаравме државата и владата веднаш, согласно закон за земјоделство и рурален развој да донесат одлука за интервентен откуп, тоа право го имаше министерот. Сметаме дека тоа е единственото можно решение. Добро е што нашиот притисок што го направивме навремено врз владата дава резултат, но оваа одлука ниту е соодветна ниту е навремена. И требаше на владата една недела да смисли мерка која ќе ја донесе. Оваа мерка за субвенционирање на винариите и тоа само на ограничено количество грозје и на само една сорта на грозје не решава никаков проблем. Ова мерка воопшто не значи директна поддршка на ниту еден лозар во Македонија зад кои што цврсто застануваме“ рече Николовски.
Тој нагласи дека лозарите се соочувале со неисплатено грозје. Денеска му биле доставени откупни белешки за неплатено грозје од 2014, 2014 и 2015 година. Според Николовски, проблем за лозарите не е само откупот, проблем бил и начинот на исплата, односно исплата на грозјето за шест месеци.
„Потребни се системски мерки, а не паушални и мерки кои ќе се носат преку ноќ. Министерството за земјоделство ги има сите анализи, ги има сите податоци за тоа колку се произведува грозје, колкави се залихите на вино и колкави се потребите на пазарот. Само со интервентен откуп може да се стабилизира пазарот со грозје. Нема да дозволиме мерките кои се носат преку ноќ да бидат во било чии личен или фамилијарен интерес на блиски до власта или пак овие мерки да се користат на штета или за притисок на лозарите“ рече Николовски.
Дополнителниот заменик министер за земјоделство нагласи дека кризата со грозјето е вештачки создадени криза со цел од истата некој да испрофитира.
А.Д