Нов парк се гради во Кавадарци
01.03.2021
Нов парк од денеска започна да се гради во Кавадарци. Ќе се протега на површина од 3500 м2, а неговата изградба ќе чини 3,6 милиони денари, пари обезбедени преку донација од „Кожувчанка“ и транспортна фирма на кавадарчанец од Америка.
„Овој парк ќе се протега на површина од 3500 м2, кој што ќе има богата содржина и модерен изглед. Вредноста на проектот е 3,6 милиони денари, а целата сума е обезбедена од донации. После 40 години општина Кавадарци презема еден ваков потег за проширување на целокупното зеленило“ вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Од општината најавуваат дека новиот парк ќе биде изграден по современи стандарди со подземна инсталација за наводнување.
„Во овој парк се предвидени над 20 дрвени видови и грмушки. Ќе има осветлување на самите патеки, а за подобра визуелизација ќе има осветлување на растенијата и од жабја перспектива. Наводнувањето на паркот ќе биде со подземни инсталации. Ќе бидат поставени и тајмери за наводнување за полесно одржување на паркот. Ќе има нова урбана опрема и фонтана на повеќе нивоа“ изјави раководителот на одделението „мој општинар“ Димитар Радњански. Тој најави дека во новиот парк ќе има и патека за слободен пристап на лицата со телесен инвалидитет.
Општина Кавадарци годинава планира да подигне 7000м2 нова зелена површина, а исто толкава површина ќе биде реконструирана. Во изминатите 3 години се подигнати и обновени вкупно 80.000 м2 зелени површини./А.Д