(Обновено) Драма во селото Шивец: Сопругот ја повредил со секира, па се удавил во Црна Река
4.12.2020
Ја повредил со секира својата сопруга, а потоа посегнал и по својот живот. Седумдесет четири годишниот Г.М од селото Шивец е пронајден удавен во водите на реката Црна, информираа денеска од полицијата.
Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски потврди дека во полиција настанот бил пријавен вчера во 11.30 часот.
„Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци, Јавен обвинител и лекар од ЈЗУ Општа болница. При увидот било утврдено дека се работи за лицето Г.М.(74) од с.Шивец, а на телото не биле пронајдени траги на насилство. По преземени мерки, било констатирано дека, претходно, во семејниот дом Г.М., по вербална расправија, со остар и тврд предмет ја нападнал неговата сопруга М.М.(84), по што заминал од дома.“ вели портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски и додава дека се работи на целосно расчистување на случајот.
За овој случај информираа и од обвинителството , од каде соопштија дека повредената сопруга е испратена на лекување на скопските клиники.
„ Според првичните сознанија, повредите ги направил нејзиниот 73 – годишен сопруг, користејќи секира и други опасни орудија. По извршеното дело, тој заминал од куќата и фрлајќи се во водите на Црна Река си го одземал животот. Според првичните сознанија на обвинителството, сега починатиот со години се грижел за сопругата која била со многу нарушено здравје. Во изминативе неколку недели се влошила и здравствената состојба на сега починатиот, по што тој посегнал по животот на оштетената, но и по сопствениот“ велат од обвинителството и додаваат дека жената била во животно загрозувачка состојба и се наоѓа на скопските клиники на натамошно лекување“ се вели во соопштението од обвинителството.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци издаде наредби за обезбедување и прибирање траги од лице место, папиларни линии и предмети кои ќе бидат предмет на натамошно вештачење, а во насока на утврдување факти во предметот.
Ангел Данов