Германската амбасадорка во посета на Кавадарци
Амбасадорката на Германија Анке Холштајн денеска беше во работна посета на Кавадарци. Таа оствари средба со градоначалникот Митко Јанчев.
По средбата, во изјава за медиумите Јанчев ја нагласи долгогодишната соработка со германската амбасада, а информира дека разговарале и за понтамамошна соработка.
„Република Германија и KFW германската банка се едни од најголемите поддржувачи на општина Кавадарци со неколку грантови. Завршен е грантот од 620 илјади евра, за реконструкција на водоснабдувањето во општината. Сега е имплементацијата на втората фаза, во месец октомври ќе започне тендерирањето на новите проекти. Тоа е грант добиен од пред две години, преку германската влада и банката од 2.5 милиони евра. Општина Кавадарци со германска поддршка ќе добие комплетна нова атмосферска канализација“ изјави Јанчев.
Амбасадорката информира дека на средбата разговарале за политичката, економската и културната соработка помеѓу двете земји и оцени дека таа е на многу високо ниво.
„ Со оглед на актуелните состојби, нашиот главен акцент е справување со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан сакаме да покажеме дека нашите партнери при борбата со пандемијата, можат да се потпрат на нас. Германија досега го поддржа регионот со пет милиони евра. Понатамошни десет милиони се на пат. Освен тоа, ЕУ помага со 3.3 милијарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина. Во Кавадарци се наоѓа германскиот инвеститор со најголем број на вработени во државата „Дрекслмајер“. Ја посетив компанијата и имав можност да се уверам дека во услови на пандемија, здравјето и безбедноста на вработените се највисок приоритет. Компанијата е постојано во контакт со надлежните македонски институции, ги следи сите дадени насоки, како и со германскиот институт Роберт Кох, според кој спроведува дополнителни здравствени протоколи, наложени од централата, изјави Холштајн./А.Д