Угостителите од Тиквешијата бараат олеснување на протоколите за работа
2.06.2020
„Ако не ни се дозволи да работиме целосно, ќе има затворање на објектите и испуштања од работа“ – вакво е предупредувањето од Здружението на угостители од Тиквешијата, кои поради проблемите со кои се соочуваат во работењето, испратиле барања за олеснување на протоколот за работа. Се жалат дека објектите им се празни, а младите сепак се групираат надвор од кафулињата.
„После пет дена работење собиравме резултати од работењето. Ситуацијата е алармантна. Луѓето се исплашени да ги посетуваат рестораните. Дали се створи некоја апатија или страв поради носење маски. Ние во нашиот регион ги почитуваме правилата. Можат тоа да го потврдат и инспекциските служби од регионот. Нема изречено ниту една казна. Ние како регион со нула заболени од Ковид, бараме да не` не ставаат во ист кош со градовите каде масовно се шири заразата.“ вели Дано Белевски претседател на здружението на угостители во Тиквешијата.
Тој информира дека барањата се доставени до општинскиот кризен штаб, а од таму ќе ги проследат до надлежните институции.
„ Бараме да ни го вратат работното време. Луѓето во летно време излегуваат покасно, околу 20, 21 часот, а ние во тој период затвораме. Групирањето на маса, по двајца луѓе е многу голем проблем. Многу ретко се случува двајца да дојдат во ресторан. Најчесто се повеќемина. Исто така бараме да ни дозволат да работи и внатрешниот дел, бидејќи тоа е случај во маркетите банките. И напоменуваме на владата, дека секојдневно акумулираме трошоци. Нашиот приход сега е 20 % споредено со истиот период лани. Ако успееме да го кренеме прометот до 70%, ние нема да бараме ништо. Но ако остане вака, ќе бараме од владата поддршка за да исплаќаме плати“ додава Белевски.
Угостителите алармираат дека ако нивните барања не се прифатат, ќе следи период кој никој не го посакува, а тоа е отпуштање на работници и ставање клуч на вратите од објектите./А.Д