Во кавадаречкиот суд донесена пресуда по онлајн судење
Со цел судење во разумен рок на притворениците, денеска во основен суд Кавадарци беше реализирано онлајн судење и изрекување на пресуда на лице обвинето за кривично дело – разбојништво. Претседателот на судот д-р Лазар Нанев вели дека судовите мора и во овој период да работат со цел да не се одолговлекува притворот како мерка за обвинети.
На видео врска во главната расправа и изрфекувањето на пресудата учествуваа јавниот обвинител, обвинетиот и неговиот застапник и оштетениот.
Нанев вели дека со далечинското судење, кое ретко се практикува во светот, во овој период кога има опасност од ширење на зараза со корона вирус, им се помага на притворениците да добијат брзо, правично и фер судење, согласно конвенцијата за човекови права.
„ Една од клучните препораки на комитетот за тортура на советот на Европа, тука е и европската конвенција за човекови права, во корелација со уредбата со законска сила на нашата влада и оперативниот план на судскиот совет, веднаш да се преземат и имплементираат активности и мерки со цел обезбедување и користење информатичка технологија во сите итни предмети, каде се создадени процесните претпоставки за судење, а такви итни предмети се оние кога обвинетиот се наоѓа во притвор, бидејќи постојаното одолговлекување односно продолжување на мерката притвор би значело кршење на неговите основни права на лишувањето од слобода, што е спротивно и на уставот и на конвенцијата за човекови права. Тоа е обврската на државата на правосудните институции да создадат процесни претпоставки за обезбедување на фер правично и јавно судење“ вели д-р Нанев.
Тој нагласува дека денешниот чин е сериозен чекор во користењето на информатичката технологија во правосудниот систем, а за судот во Кавадарци е историски чин.
„ Не може државата или правосудните институции да бараат одговор дека немаме соодветна информатичка опрема и на тој начин да ги кршиме правата на обвинетите. Обврзани сме да направиме и помогнеме во овие тешки моменти кога осуденичката и притвореничка популација постојано се бори со овој предизвик, да ја извлечеме од затворите, но и да влијаеме и на поволната ублажена казнена политика, што значи заеднички сите активно да партиципираме во превентивните активности во намалување во ширењето на корона вирусот. За основен суд Кавадарци и воопшто за правосудниот систем во нашата држава ова е навистина е еден историски ден, ден кој ќе остане забележан во нашето правосудство. Ова е прв случај во историјата на нашето правосудство и прв во земјите од овој регион и пошироко. Според известувањето на „мајкрософт тимс“ за прв пат оваа апликација се користи за судење во светски рамки“ вели Нанев и искажа благодарност до Мајкрософт што по бројните контакти со нив апликацијата била прилагодена за денешното судење, а снимката од целото онлајн судење ќе биде дел од списите во предметот.
Што се однесува до денешното судење за разбојништво, судот му изрече казна затвор од пет години на обвинетиот, кој претходно целосно ја призна вината. Изречената пресуда беше прифатена од обвинетиот и неговиот бранител, а задоволна од пресудата беше и јавната обвинителка од обвинителството во Кавадарци. Бидејќи нема да има жалба на пресудата, осуденикот веќе од денеска од притвор ќе биде префрлен на издржување на затворската казна.
Ангел Данов