Кавадаречкиот суд од Нова Година со проширени надлежности
Побрза и поевтина правда ќе добиваат тиквешани, откако судот во Кавадарци од јануари догодина ќе започне да дејствува како суд со проширени надлежности. Досега, цели 13 години за поголеми судски спорови постапуваше велешкиот суд.
Со враќањето на проширените надлежности, судот во кривичната материја повторно ќе ги работи предметите против полнолетни лица, за кои е пропишана казна затвор над пет години. Сега ќе може да изрекува и казна доживотен затвор. Кавадаречкиот суд и понатаму нема да работи по предмети кои се однесуваат за организиран криминал.
Што се однесува до граѓанската материја, се враќаат во работа граѓанските спорови чија вредност е над 50 илјади евра. Повторно ќе постапува во трговските спорови, спорови меѓу правни лица. Ќе постапува и во стечајните предмети, кои досега ги работеше Основниот суд во Велес со проширена надлежност.
Претседателот на кавадаречкиот основен суд, Зоран Јосифовски вели дека потребно е доекипирање на судот за да може да постапува со проширена надлежност.
„Дали е кадровски екипиран, чесно е да се каже дека не е докрај екипиран. Веројатно ни фалат и судии, ни фали и судска служба. И тоа како во делот на оној административно-технички персонал, така и во делот на стручните судски службеници. Ние и во овој формат во кој работевме досега, можевме да дадеме забелешки дека не сме доволно кадровски екипирани. Притоа не зборувам само за бројот на вработените во судската служба, туку и за нивната структура. Ако се има во предвид дека судовите своето работење го вршат електронски, значи преку информатичка технологија, очигледно е дека застапеноста на стручниот кадар, на стручните судски службеници, треба да доминира во однос на останатите. Јас не би можел да бидам незадоволен од структурата на судските службеници што ја имаме во судот“ вели Јосифовски и додава дека многу по ефикасно и по стручно судот би работел доколку се подобри структурата на судски службеници./А.Д