На штрк што се наоѓа на Тиквешко Езеро му е потребна помош
Порака со ваква содржина упатија денеска на фејсбук граѓани кои имаат викенд куќи на езерото и го забележале штркот како на ногата има заплеткано мрежа за ловење риби. Штркот еден месец со мрежата на нога се движел покрај езерскиот брег и поради тежината не можел да лета високо.
Граѓанската порака е споделена и на фејсбук страницата на Здружението за заштита на животните од Кавадарци Аними Реино со цел што по итно да му се помогне на штркот од стручни лица. Во граѓанскиот апел за помош се бара совет од орнитолог или друго стручно лице, со цел да му се помогне пред да дојде времето за заминување на југ. Тие потсетуваат дека мрежата се полни со тиња додека штркот шета покрај езерото во потрага по храна, риби.
Сите заинтересирани кои можат да помогнат со предлог или директно со интервенција потребно е да остварат контакт со здружението Аними Реино на нивната страница на социјалната мрежа Фејсбук./У.Ј