Kaвадарци за зимско одржување на улиците и патиштата ќе потроши 3 милиони денари
Годинава компанијата „Градба промет“ го доби тендерот за зимско одржување на локалните улици и патишта во Кавадарци. Договорот кој го склучила општината е тежок три милиони денари.
„Договорот е со траење до 15 февруари. Согласно нашата проверка утврдивме дека изведувачот е опремен со соодветната потребна механизација и располага со три камиони со нож и посипувач, два трактори за одржување на патиштата до селата од Бошавијата , еден булдожер, еден камион со фрлач на снег. Располага и со потребната количина на индустриска сол и ризла“ вели Драган Рамов, сообраќаен инспектор во локалната самоуправа.
Тој нагласи дека улиците се поделени во три категории.
„Сметам дека сме спремни да одговориме навреме се со цел да има безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови“ рече Рамов и апелираше до граѓаните прописно да ги паркираат возилата за да можеле возилата за интервенции непречено да работат.
Тротоарите и годинава се оставени за расчистување од вработените на ЈП Комуналец. Инспекторот по сообраќај ги потсети соптвениците на дуќани на обврската која ја имаат.
„ Согласно законот, секој сопственик на деловен простор во централното градско подрачје е должен да го исчисти тротоарот пред својот дуќан“ вели Рамов.
Општина Кавадарци на своја територија има голема површина со патна инфраструктура. Но Кавадарчани очекуваат брзо дејствување на зимската служба, како би можеле непречено да се движат, при евентуални снежни врнежи.
Иако мала е снежната покривка од вчерашните врнежи од снег, зимската служба веднаш интеренираше и го расчистуваше кашестиот снег од патот кон селата од подкожувјето./А.Д