Кавадаречката противпожарна единица со нови возила и пожарникари
Противпожарната единица Кавадарци денеска го одбележа денот на пожарникарите со демонстрација на возниот парк со кој располага и со кадровскиот потенцијал кој го има.
Од деветмина пожарникари, колку што претходно имаше кавадаречката противпожарна единица, сега брои 26 пожарникари. Набавени се две нови возила. Денеска специјализирано возило со скала за дејствување при пожар во висококатници донираше компанијата „Машинокооп“ од Кавадарци.
На спортските терени на спортската сала „Јасмин“ беа изведени показни вежби за извлекување на повредено лице во сообраќајна незгода и гасење на пожар со специјализираното возило за дејствување во висококатница.
Показната вежба ја следеа градоначалникот Митко Јанчев, советници, и останати граѓани. Градоначалникот најави дека сега противпожарната единица е компелтно подготвена за делување во случај на пожари и непогоди. Информира дека компанијата „Дрекслмаер“ донираше комплетна опрема за 26 пожарникари.
Командирот на ТППЕ, Илчо Богевски информира дека постојано се обавуваат обуки со новите пожарникари.
Парадирањето на противпожарните возила започна од кај граничната полиција. Возилата поминаа низ центарот на Кавадарци, а потоа се упатија на спортските терени „Јасмин“./A.Д