Лозарите нервозни, родот им пропаѓа – откуп нема
Полни тракторски приколици со грозје кое почнало и да ферментира. Лозарите по неколку дена чекаат на откупните пунктови да го продадат грозјето, но нема кој да им го купи. Не им е јасно што се случува годинава со откупот на грозјето.
Нивна проценка е дека се соочуваат со најголеми неизвесности кога е во прашање откупот на грозје. Чекајќи по два-три дена на откупните пунктови грозјето во приколките е почнато да ферментира. Не знаат каде да го продададат грозјето, бидејќи се откупуваат многу мали количини, а од сортата вранец-кратошија на лозјата има за берба уште значителна количина.
Пред производителите на грозје е уште една закана за пропаѓање на родот. Метеоролозите најавуваат обилни врнежи од дожд и опаѓање на температурата. Тоа дополнително им ги зголемува грижите и нервозите, бидејќи е реална закана да пропадне родот. Стручњаците објаснуваат дека секој нареден дожд ќе ја намали шеќерноста на грозјето.
За откупувачите голем проблем се измените на законот за вино, кои обврзуваат секој откупен пункт за откупува за една винарија и притоа да има печат од винарската визба за која откупува како гарант дека грозјето ќе им биде платено на лозарите. Едни сметаат дека ваквото законско ограничување ќе ја усложни дополнително состојбата со откупот, бидејќи неизводливо е откупни пунктови да имаат печат од винарии – коментираат лозарите.
На прес конференција, која се одржа на еден од откупните пунктови каде редица трактори чекаа да го продадат грозјето, социјалдемократите од Кавадарци побараа советот на општина Кавадарци да одржи итна седница за алармантната состојба со откупот на грозјето.
„ Бараме да се формира веднаш и кризен штаб што ќе инсистира Владата и надлежните институции да прекина да се оградуваат и директно да се вклучат во решавањето на проблемот. Грозјето скапува, откуп нема! Има само неколку поединечни случаи на откуп на грозје. Селекција е недозволива! Доведена е во прашање основната егзистенција на лозарите! Власта е виновна за тоа!“ рече претседателот на ОО на СДСМ, Зоран Ѓорѓиев.
Тој обвини дека владата и министерот за земјоделство, иако ја знаеле целата ситуација и покрај бројните апели, не превзеле ништо за решавање на проблемите со откупот на грозјето.
Ѓорѓиев посочи дека дополнителен проблем е тоа што на најголем број лозари не им е исплатен откупот за 2015, па дури и 2014 година.
„Ова е недозволиво, бидејќи според законот лозарите досега мораше да си ги добијат парите за предаденото грозје за изминатите години. Ова ќе заврши во декември. По промените државата ќе го гарантира откупот на родот, вклучително и на грозјето, а земјоделците ќе знаат и по која цена 30 дена, пред почетокот на откупот. Најавуваме дека ќе има и одговорност за сите кои им нанесоа штети на земјоделците со што е доведена во прашање нивната егзистенција“ нагласи Ѓорѓиев.
Ангел Данов