СДСМ: Жените од Кавадарци за Груевски очигледно се само бројка
Општинската организација на СДСМ Кавадарци денеска на прес конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ вршел притисок врз жените вработени во општинската администрација и другите државни институции да присуствувале на годишното собрание што утре Унијата на жени ќе го одржувала во Скопје.
„Никола Груевски ја нема подршката од граѓаните на Кавадарци, ја нема подршката ниту од младите, ниту од жените. Тоа го знае и самиот Груевски. Загубената доверба помеѓу граѓаните Никола Груевски сака да ја прикрие со партиски декрети со кои што хистерично бара 14 автобуси да бидат наполнети за присуство на годишното собрание на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во недела, во Скопје. Се прават списоци со вработени жени од кои што се бара по секоја цена да ги полнат автобусите на Никола Груевски“ обвини претседателот на ОО на СДСМ Кавадарци, Зоран Ѓорѓиев на денешната прес конференција.
Како што беше речено, очигледно Никола Груевски жените од Кавадарци ги сметал само за бројка, која што треба да го покривала неговиот страв од соочување со граѓаните на слободни, фер и демократски избори и соочување со одговорноста за криминал и корупција.
„Ова е потценувачко и навредувачко за нашите сограѓанки, за секоја жена. Методите блиски до фашистичката филозофија, ја девалвира положбата и статусот на жената во Кавадарци. Во нормални општества, не се вршат притисоци врз жените да присуствуваат на партиски настани, на кои што не сакаат да присуствуваат. Во демократски општества жените се оставени слободно да носат одлуки, а не нивно име друг да им наложува што да прават“ рече Ѓорѓеив и апалираше до сите жени кои се соочувале со притисоци да пријават за истото, бидејќи за тоа требало да следи и одговорност./А.Д