Кризниот штаб на Општина Градско со препораки до граѓаните
По разгледаната информација на Градоначалникот на општина Градско, Роберт Бешовски за сите досега превземени мерки и активности од страна на општина Градско и ЈКП Клепа за превенција од ширење на коронавирусот „Ковид 19“ на територијата на општина Градско Општинскиот кризен штаб на Градско донесе повеќе заклучоци.
– Да се врши секојдневна дезинфекција на јавната површина во централното подрачје во Градско, Здравствената амбуланта и Регионалниот пат Градско – Велес, на потегот од винарија Стоби до мотелот. Дезинфекцијата на улиците во сите населени места на територијата на општина Градско да продолжи и во неа да се приклучат АД ЗК „Вардар” Градско со нивна механизација.
– ПК Градско да врши контрола и надзор за забраната за посети на летниковците на Подлешкото езеро, групирање повеќе од 5 луѓе во парковите, плоштадот и појавата на пиење на алкохол на клупите на плоштадот со цел да не се наруши јавниот ред и мир.
– Продавниците и „Жито маркетот” во Градско да внимаваат на бројката на купувачи, на нивната раздалеченост внатре и надвор при влез да се врши задолжителна дезинфекција. Редовна дезинфекција да се врши и на просториите со што ќе се обезбеди подобра контрола и заштита на делот за продажба на леб. Да се отстранат масите пред продавниците.
– На територијата на општина Градско нема заболени лица со корона вирус.
Само две лица во овој момент се во самоизолација со писмена наредба и таа им звршува на 01 април 2020 година.
– Полицискиот час граѓаните на општина Градско го почитуваат. Досега само две лица го прекршиле и тоа на 27 март 2020 околу 01 часот за што се превземени соодветни мерки против нив.
Барањето на земјоделците, раноградинари, за вршење на работни активности во периодот на забрана од 16 часот попладне до 5 часот наутро, што беше усвоено од владата, истите го испочитуваат и не ги злоупотребија дозволите за време на викенд, во сабота и во недела.
-Општинскиот мобилен тим за помош на стари, изнемоштени лица и лица со посебни потреби во кој од месец април ќе се приклучат и дополнителни 8 лица ангажирани од проектот за Општо корисна работа во соработка со УНДП, да продолжи со активностите
– Општина Градско ќе отвори наменска сметка во соработка со општинската организација на Црвен крс Велес и ќе ја извести јавноста за донациите на сите општествено одговорни компании, правни и физички лица кој ќе уплатат парични средства за наменска употреба. Средствата ќе се искористат за финансиска помош на семејства, односно поединци кои ја изгубиле својата работа како последица на настанатата ссостојба со Ковид 19 (коронавирус). Средствата ќе ги распределува посебно формирана Комисија според јасни и определени критериуми.
Сите заинтересирани општествено одговорни компании, физички и правни лица кои што имаат можност да донираат неготвена храна (конзервирана, пакувана, со подолг рок на траење) може да остварат контакт на телефон 075 216 785
Пункт за собирање на донираните продукти ќе биде Домот на културата “Крсте Петков Мисирков” во Градско.
Донираната храна ќе биде дистрибуирана преку утврдени податоци од страна на Центарот за социјални работи, во соработка со мобилните општински тимови.
Број на сметка: 200000001663445
Цел на дознака: ПОМОШ ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ЗА ОПШТИНА ГРАДСКО (COVID-19)
Депонент: Стопанска банка
Примач: Општинска организација на Црвен крст, Велес
– Лицата кои имаат симптоми типични за коронавирусот, како што се сува кашлица, висока температура, треска или отежнато дишење, треба да се јават по телефон кај својот матичен лекар. Тие не треба да одат во ординација за да се чува сопственото здравје и здравјето на другите! Матичниот лекар поставува прашања преку електронска анкета и оценува дали и кога треба да се тестира пациентот и преку мој термин го закажува тестирањето на некој од пунктовите. Без закажување кај лекар не може да се врши тестирање. Во закажаниот термин треба директно да се оди на пунктот за тестирање и треба да се носи заштитна опрема, по можност да не се доаѓа со јавен превоз. Согласно резултатот и здравствената состојба на пациентот матичниот лекар ќе ги упатува граѓаните – пациенти на следни чекори.
-Општина Градско ќе ја разгледа можноста за обезбедување финансиски средства за набавка на заштитна опрема на здравствените работници во Здравствената амбуланта Градско.
– ООУ ,,Даме Груев“ Градско, согласно Уредбата за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба, продолжува со организирање и реализирање на воспитно –образовниот процес со далечинско учење, односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.
– Наставниците далечинското учење го реализираат преку следните форми:
– ТВ училница на МРТВ
– Е – училница – првата унифицирана образовна национална on line платформа
– платформа на www.damegruevgradsko.mk креирана од страна на училиштето, за далечинско учење, која е во изработка
– ZOOM-програм за видео конференциска врска
– Classroom
– Групи креирани на социјалните мрежи (mesinger, viber и сл.) со цел да се обезбеди двонасочна комуникација ученик/родител и наставници.
На седницата на Општинскиот кризен штаб присуствуваа претставници од Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување Велес, Регионалниот центар за управување со кризи Велес, Полициска канцеларија Градско./У.Ј