Од 29 четвртоодделенци во Градско половина посакаа, кога ќе пораснат, да бидат градоначалник
Ќе има ли повеќе лулашки и забавни паркови, што општината ќе стори со бројот на бездомни кучиња и како ќе обезбеди поредовен превоз за своите граѓани се само три од десетиците прашања што денеска учениците од ООУ „Даме Груев“ му ги поставија на градоначалникот Роберт Бешовски. Најинтересен момент од посетата секако беше влегувањето во кабинетот на градоначалникот каде вниманието најмногу го привлече фотелјата во која седнаа сите а голем дел од учениците посакаа кога ке пораснат да бидат градоначалник на Градско.
– Ме изненадија со одговорите зошто сакаат да бидат градоначалник на општина Градско. Со тоа ми влеаа надеж дека граѓаните на општината не треба да се грижат за својата иднина кога раснат вака умни, амбициозни и интелигентни деца. Со своето неколку часовно присуство учениците ни ја разубавеа зградата, внесоа свежина и во исто време не поттикнаа на што поскоро аплицирање на наши проектни идеи со кои планираме да им го направиме уште поквалитетен нивниот живот во родното место, рече градоначалникот Бешовски.
Тој ги пречека учениците на влезната врата на општинската зграда за потоа средбата со најмладите жители во општината да ја одржи во салата за седници на Советот на општината. Таму учениците прашуваа а градоначалникот преку одговори ги запознаваше со функционирањето и работата на општината, администрацијата, Советот, комисиите, органите и телата,
Бешовски, исто така, одблизу и добро ги запозна со работата и ингеренциите на градоначалникот. Посетата на учениците од четврто одделение при ООУ „Даме Груев“ во Градско на општината беше иницирана од образовниот предмет Општество што тие го учат годинава./У.Ј