Традиционално искачување на Клепа на 10 февруари, годинава
Eднодневно традиционално зимско искачување на врвот Клепа, со надморска висина од 1150 метри, се организира на 10 февруари, во недела, годинава. Целта на искачувањето е да се промовира врвот Клепа, да се поттикне населението во реонот за движење низ планина како и да се манифестира соработка помеѓу планинарските клубови и друштва.
Организатори на искачувањето се Општина Градско, Општина Росоман заедно со ЕГ „Грин Пауер“ и Планинарски предизвик „12 врвови„.
Стартот за учесниците од општина Градско е во 9.00 часот кај брана на Подлешко езеро каде што ќе се чека групата што ќе дојде од правец на селото Сирково додека заедничкото искачување на врвот Клепа за турата од село Сирково започнува во во 7.00 часот од центар на село Сирково.
Патеката на искачувањето започнува по срт со благо искачување се до вештачкото Подлешко езеро од каде продолжува по срт до врвот Клепа.
За оние кои не ќе можат да продолжат до врв, ќе биде обезбеден превоз од Подлес до манастир Св. Архангел.
-Целта на искачувањето е во манастирот „Свети Архангел“ кој се наоѓа на надморска висина од 410 метри и помеѓу селата Горно и Долно Чичево. Должина на патеката изнесува 18 км во двата правци што се очекува да се испешачи за околу 7 часа. Тежината на искачувањето е средна додека висинската разликаизнесува 880 метри. Задолжително е носење на 2 литри вода, повеќеслоеста облека, водоотпорна јакна (кабаница), разгазени зимски чевли, планинарски стапчиња, гамашни, шал, капа, ракавици, топли напитоци, челна ламба, два пара чорапи, наочари за сонце , рекоа организаторите на планинарското искачување.
Градоначалниците на општините Градско и Росоман за сите учесници во искачувањето ќе обезбедат бесплатен ручек, пијалок и десерт во конаците на манастирот Св. Архангел Михаил во близина на село Горно Чичево./У.Ј