Протестираат земјоделците од општина Градско и ги бараат неисплатените субвенции и оштетите
Земјоделците од Градско и Виничани ги паркираа тракторите и направија блокада денеска на стариот пат Велес – Градско. Вака одлучија да го искажат својот гнев кон Владата поради неисплатените субвенции и оштета од невремето во изминатите две години. Нивните посеви, овоштарници, лозја ги столче мразот што минатата недела го зафати Вардарскиот регион.
– Не може да продолжи вака оти без субвенции и без пари за оштета, од лани нема пари за штета од мразот, ние не можеме да продолжиме со работа. Не можеме да опстанеме. Треба ѓубре да ставиме сега, треба со вода да поливаме а каналот е втор месец празен. Да отидете и на лице место да го видите каналот во каква состојба е. Нека мислат тие горе ако постојано велат дека инвестирале во земјоделието. Нека дојдат да видат во каква состојба сме а не да не примораат да се собереме за да дојде некој од нив и да види што фали. Состојбата е катастрофа во земјоделството, рече Мирче Венковски – земјоделец од с. Виничани
– Денеска сум тука поради тоа што мразот минатата недела се ми измрзна. Исто така немам примено пари за поплавите во 2015 година, за субвенции за 2016 година и сега се измрзна. Неможам да издржам повеќе. Земјоделските аптеки не ми даваат повеќе препарати на почек, а засадив на 15 хектари кајсии, на 7 хектари праски, на 4 хектари сливи и други земјоделски култури. Ако вака продолжи ситуацијата и јас и семејството планираме да си ги земеме во раце пасошите и да бегаме од Македонија, рече овоштарот Лазо Балчев.
– Ние сега ќе протестираме. Друга работа немаме. Лозјата измрзнаа, овоштарниците исто така. Нека ни го дадат тоа што ни го ветија. Од лани поднесов барање за измрзнати лозја и овоштарници и никому ништо. Кој како иде само ветува. Пред две три недели дојдоа и рекоа за две недели ќе добиете, сега пак доаѓаат и викаат за две недели. Мора да ги земеме субвенциите на време, рече земјоделецот Дејан Петровски од Градско
Во овој дел од државата граѓаните најчесто одгледуваат градинарски култури. Овие земјоделци се охрабриле да засадат и овоштарници и лозја. Минатата недела мразот им ги измрзна дрвцата и настрадаа лозјата.
– Не сме против никого но си ги бараме нашите земјоделски права. Прво, субвенциите оти голем број од нас не ги земале ланските субвенции, на прсти можеме да ги изброиме тие што земале за годинава, а за лани дел се обештетени а дел не се обештетени од мразот. Имаме голем проблем со водата за полевање од Тиквешко поле. Значи проблеми еден куп. Најголем дел од овие овде се земјоделци од село Виничани. Веќе ни е дојдено преку глава, рече земјоделецот Бајро Ашкериќ од село Виничани.
Поголем број од земјоделците на денешниот протест рекоа дека Водостопанската заедница Тиквешко поле мора да им пушти вода. Нивниот протест ќе трае и во наредните четири дена со двочасовни блокади, од 15 до 17 часот, на стариот пат Велес – Градско./У.Ј