Мини саем за микро и мали компании од сите осум региони на Македонија на УСАИД во винарија „Стоби“
Сега четириесет работници а пред четири години во прилепската „Стара Фурна“ работел само еден работник. Фурната со леб започнала да ги снабдува прилепчани. Денеска освен леб на жар пече и продава бели пецива освен во Прилеп уште во Велес, Кавадарци и Валандово. Вака во винарија „Стоби“ почна да ја раскажува својата успешна приказна сопственикот на фурната, Владимир Апостолоски на денеска одржаниот Мини саем за микро и мали компании од сите осум региони на Македонија кој беше дел од проектот на УСАИД, кофинансиран од Владата на Швајцарија и имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери ЦЕЕД Македонија.
– На почетокот произведувавме од една до две фурни или од 200 до 250 векни леб. Сега произведуваме 4,5 илјади векни и за време на празници вадиме до 10,5 илјади векни леб. Го проширивме и асортиманот на производи. Имавме можност да отпатуваме во Сараево и таму да видиме нови производи. Го применивме тоа искуства. Еве денеска произведуваме и бели пецива. Повремено произведуваме и црн леб, во мали количини, достапен на пазарот во Прилеп. Сега планираме да го зголемиме количеството и да го пласираме во останатите три градови Велес, Кавадарци и Валандово, рече Апостолоски.
Тој, дел од производството денеска го промовираше пред останатите претставници на фирми учеснички на мини саемот.
Тие што ги пробаа пецивата констатираа дека се вкусни и го поттикнуваа Апостолоски да ја зголеми количината и прошири пазарот.
Еден од нив беше битолчанецот Марјан Спиркоски сопственик на фирмата „Биомарел Шитаке“ која произведува шитаке печурки во свежа форма и преработки. Спиркоски и Апостолоски разговараа за можна соработка.
Тоа е и целта на мини саемот да вмрежи, поврзе и поттикне соработки помеѓу малите и средни претпријатија опфатени во овој проект.
– Во последните пет години, проектот им дава можност на претприемачите да учат едни од други, да ги подобрат менаџерските вештини, подобар пристап до финансии и можност за раст на бизнисот локално и регионално. Овој Мини саем е одлична можност претприемачите да ги претстават сопствените бизниси и да ги отворат вратите за идни успешни соработки, рече Едвард Гонзалез, директор на канцеларијата за развој при Мисијата на УСАИД во Македонија.
На Мини саемот, учесниците во проектот имаа можност да се претстават едни пред други, да ги промовираат своите производи или услуги и да разговараат за можни бизнис соработки.
– Претприемачите кои се овде денеска, подготвија специјална саемска понуда за останатите, па очекуваме да имаме успешен ден во однос на нови соработки, што е и наша цел со овој настан, рече Билјана Дамевска, заменик директор на Проектот, ЦЕЕД Македонија.
Настаните за вмрежување се една од главните активности на проектот за зголемување на продажбата кај претприемачите од различни делови од Македонија.
Проектот за микро и мали претпријатија во вредност од 3.079.400 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Активностите на проектот се имплементираат во осум региони и ја покриваат целата територија на Македонија. ЦЕЕД Македонија е една од институциите во наследство на УСАИД и е имплементатор на Проектот./У.Ј