Планинарско искачување на Кадиица во знак на поддршка на болните од белодробна хипертензија (ФОТО)
Со една и единствена цел да се подигне свеста кај граѓаните за поддршка на болните од ретката болест „Пулмонална (белодробна) хипертензија“, викендов, членовите на спортското планинарско друштво „Зелен рај“ од Велес се искачија на врвот Љута на планината Кадиица.
Тие ја добија поддршката од уште триесетина планинари од планинарските друштва „Чеплес“, „Металург“ и „Пелистер“ кои се приклучија на ова викенд планинарење и искачувањето на планината.
Планинарите дводневното дружење и искачување го реализираа под мотото „Качи се на врв, земи здив – за живот“. Тие на овој начин упатија јасна порака дека викенд престој во природа и дишење на чист воздух е голема здравствена предност како за заболените од ретката болест „Пулмонална (белодробна) хипертензија“ така и за сите останати граѓани, вљубеници во природата.
– Настанот беше успешно реализиран со несебична поддршка од најхуманата општина во РМ, Општина Чашка и нејзиниот градоначалник. Упатувам огромна благодарност до сите што учествуваа во реализацијата на планинарењето и ја поддржаа нашата иницијатива преку планинарење да потсетиме на болните од ретката болест и да поттикнеме што поголем број на граѓани да помагаат или да го користат своето слободно време во природа, рече Зоран Игновски претседател на СПД „Зелен рај“./У.Ј