Министерката за одбрана Шеќеринска ја следеше воената вежба „Македонски блесок“
Mинистерката за одбрана Радмила Шеќеринска и началникот на ГШ на АРМИ генерал мајор Васко Ѓурчиновски денеска присуствуваа на воената вежба „Македонски блесок 14“ на армискиот полигон Криволак. Таа нагласи дека се прават напори за подобрување на условите за работа во армијата.
-И покрај тоа што и нашата армија се соочува со многу предизвици, реално, според оценките на сите во НАТО, ова беше делот за кој што бевме добро подготвени, за кој имавме и резултати и за што веќе сме создале доверба. Тоа е резултат на многугодишен ангажман на сите вас од Генералштабот, до сите команди, до секој војник. Така да сакам да ви честитам и да ву кажам дека се трудиме и се трудам да ги подобриме условите за работа, за вашиот ангажман, да ја започнеме реалната модернизација на армијата, да покажеме дека армијата се грижи и државата се грижи за сите припадници. Кога организирате вакви настани и кога се покажувате во најдобро светло, ми давате и мене аргументи за да барам повеќе, за да обезбедам повеќе и затоа честитки и во името на сите останати, навистина ми беше чест и задоволство да се биде со вас и така продолжете и понатаму“ рече Шеќеринска во обраќањето пред учесниците на вежбата.
Во рамки на вежбата се демонстрираше нивото на борбена готовност на дел од декларираните единици на АРМ-декларирана чета на воена полиција и капацитетите за поддршка на операциите водени од НАТО. Токму тоа е и целта на оваа вежба, преку самооценување, согласно НАТО оперативните способности, да се демонстрира нивото на борбената готовност.
Исто така се изврши увид во армиските можности за структурирање, функционирање и оспособеност на декларираната Копнена маневарска болница (КМБ), да одговори на побарувањата за претстојното НАТО медицинско оценување. На вежбата „Македонски блесок 14“ се изврши НАТО преоценување на „ниво 2“ на декларираната чета на Воената полиција, како и за првпат внатрешно медицинско оценување на декларираниот состав на Копнената Маневарска Болница со улога 2./A.Д