Еден електрон, а ѓубре еден тон – Вклучи се за рестарт на иднината!
Организацијата на жени на Општина Свети Николе повторно започнува со размрдани прсти во циклусот на „Мрдни со Прст 2“. Активистките овој пат ќе ја подигaат свеста за правилно сортирање на електричниот и електронскиот отпад. Целта е преку оваа кампања да се едуцираат граѓаните во Свети Николе и во Лозово за правилно менаџирање на електричниот и електронскиот отпад, неговите штетни влијанија и законските регулативи и со тоа да си го заштитат сопственото здравје но и животната средина.
– Активностите започнаа на 26 декември, во проториите на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович- Державин“ во Свети Николе. Во склоп на самиот Новогодишен базар, https://www.facebook.com/womsvetinikole/, три дена се реализираа работилници за деца и млади, каде на креативен начин им се долови суштината на правилното рециклирање на електронскиот отпад. И овој пат целта ни е да ги размрдаме светиниколчани и да ја разбудиме свеста кај секого за важноста од рециклирањето на ЕЕ-отпад и начините кои овозможуваат заштита преку правилно сортирање одделно од комуналниот отпад, рече Лори Петровска.
Во пресрет на новогодишните празници и самата празнична еуфорична атмосфера во петокот на 29 декември беше одржана „ЕЕО забава“. Во ресторанот „Златна Москва“ ЕЕО забавата на граѓаните им понуди дружење со стендап комичарката Ивана Наскова и музичките ѕвезди Влатко Лозаноски и Димитар Андоновски придружувани од групата за модерни танци Clique. Празните батерии, старите полначи и мобилни телефони граѓаните ги донесоа како влезници за забавата.
Организација на жените на Општина Свети Николе веќе 27 години активно делува на локално и национално ниво и во континуитет се грижи за своите конституенти спроведувајќи активности како дел од Здравствената програма, Програма за човекови права и Програмата за деца и млади.
– Секако за успешна и добра организација и реализација на активностите потребни се соработници и партнери, а ОЖОСВН за оваа и идните активности во рамки на иницијативата Мрдни со прст има поддршка и соработка од Нула Отпад ДОО Скопје, Доброволно противпожарно Друштво Свети Николе, МСУ „Г.Р.Державин“- Свети Николе, Организација на жените на општина Лозово и здружението ЕХО од Штип, како и од Локална самоуправа Свети Николе, локална самоуправа на Лозово и комуналните претпријатија од овие општини, рече Лори Петровска. /У.Ј