Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Масовното исселување на здравствените работници во странство негативно се одразува врз животот на граѓаните. Цели општини, особено оние помалите, во источниот дел на државата, останаа без матични лекари и специјалисти, па тамошните жители се принудени да одат во другите градови за да добијат здравствена услуга. Граѓаните во помалите општини се соочуваат со недостиг од стручен здавствен кадар, како што се уролози, гинеколози, анестезиолози.

За ваквата негативна појава во здравствениот систем, уште пред три години алармираше Здружението на приватни лекари на Македонија. Претседателката на еснафското здружение д-р Лили Чолакова Дервишова вели дека докторите масовно почнале да заминуваат кога германската лекарска Комора објави апел за потребни 20 илјади лекари што поттикна голем број на македонски доктори , за подобра плата и подобар статус, без размислување да ја напуштаат државата и да заминат но, освен во оваа европска држава уште и во Австрија и во Канада. Др Чолакова Дервишова, исто така, го посочи примерот со велешката болница која порано важеше за реномирана регионална здравствена установа, а сега се соочува со недостиг на кадар.

„Сите се сеќаваме каква беше велешката болница како што сега знаеме што се и фали. Недостига стручен кадар кој што би работел бидејќи институцијата не ја сочинуваат само медицинските апарати туку и докторите со своето знаење и со своето искуство. Пред три години како Здружение на приватни лекари апелиравме веднаш дека нешто се случува во државата кога младите лекари почнаа интензивно да учат курс по германски јазик и потоа за многу кратко време Германија почна да ги прима на работа , но не само од Македонија туку тоа се случи во целиот регион како и во Бугарија, во Србија, во Хрватска, што значи дека станува збор за масовна појава на одлив на кадри. Млади колеги доктори кои штотуку завршиле но и веќе оформени доктори со големо искуство,како пластични хирурзи, анестезиолози и други специјалисти заминаа да работат во многу подобри услови и за повисока плата во Германија“, рече д-р Чолакова Дервишова.

За секој проблем во здравствениот систем Здружението нуди и решение, но според доктор Чолакова, тоа се коси со постоечките закони во државата. Таа смета дека на Македонија и е неопходна национална стратегија со која долгорочно ќе се планира потребата од лекари за секоја од македонските општини.

„ Секој лекар сака да напредува, не сака 20 години само да седи и да препишува рецепти. Во системот мора да му се овозможи на лекарот да напредува. Сега има проблем во селата, ако сака докторот кој работи во селска амбуланта да отиде на одмор, неговиот пациент треба да се лекува кај лекар во градот што е негова замена. Сметам дека здравствениот систем во Македонија има потреба од профилот временски доктор. Тоа значи ако колегата од село Оризари замине на одмор да може да повика замена, свој колега од Велес , да го плати и на тој начин заменскиот доктор да добие дополнителни приходи. Така ќе циркулираат повеќе лекари во руралните па и градските средини, ќе има поголем прилив на пари и ќе се раздвижува пазарот на труд а пациентите ќе бидат задоволни. И она што е особено важно, при смената на министрите за здравство, наследникот да не вели до вчера не чинеше од утре почнуваме наново“, рече д-р Чолакова Дервишова.

Јас ќе си заминам од оваа земја, за многу кратко време, можеби за година дена од денес . Вака одлучил штотуку дипломираниот лекар Страхил Тодоров од Велес кој моментално стажира во велешката болница. Тој тврди дека за да се вработи во јавна здравствена установа во Македонија мора да биде партиски или политички определен или пак да биде дете на родители од докторска фела. Д-р Тодоров вели дека младите лекари во државата се соочуваат со неколку проблеми меѓу кои и непостоењето на минимална плата за општ лекар во Законот за здравствена заштита.

„За жал или за моја среќа, ниту сум дете на докторска фела ниту сум партиски член и сум многу горд на самиот себе. Вториот проблем се опциите за специјализација поточно постоењето само на две опции или да бидеш специјализант на јавна здравствена установа каде добиваш државна специјализација или сам да си ја платиш како приватен специјализант. Проблемот е како да го одбереме помалото зло. Како приватен специјализант шест години треба да работиш без да добиеш денар, а држиш смени и ја имаш истата одговорност како и специјалистите кои работат во јавните здравствени установи. И тоа е парадокс, вие сте лакар, а работите без здравствено осигурување, без пензиско , без пари и социјална заштита. На приватните специјализанти пак не им се дозволува да членуваат во ниту една синдикална организација која ќе ги штити нивните права,“ рече д-р Тодоров.

Инаку нема официјални бројки во државата колку лекари досега заминале на работа во странство, но реалната слика покажува дека здравството во земјава е на стаклени нозе. Доктор Тодоров соопшти дека од први јануари година до денес во одделот за детска превентива и вакцинација биле поднесени 70 барања за исселување на деца кои се уште се во школски процес.

Двајцата лекари учествуваа на Регионалниот Форум за соработка организиран од Организација на жени Свети Николе, Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес, Центар за интеркултурен дијалог, Центар на ромската заедница „Дром“ и „Флоренс Најтингел“ од Куманово. Граѓанските организации се грантисти на Цивика мобилитас.

Даниела Саздова

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

banerduma

 

 

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново