Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Zaklina fin

10.07.2020

Пишува: Жаклина Цветковска

Фаворизирање на еден и дискредитирање на друг политички субјект провејува во текстовите што го рецензираме, објавени на порталот centar.mk, на 08.07.2020 година, во речиси ист тајминг и со речиси идентична содржина.

Написите со наслови „СДСМ со решенија за иднината, ВМРО ДПМНЕ со препишана програма“ и „ СДСМ во кампања за светла иднина, ВМРО ДПМНЕ со полна уста омраза“, наликуваат на вообичаената реторика на претставниците на политички партии од предизборни митинзи, со величење на сопствените успеси и критикување на политичкиот противник, што не е пример за избалансирано и објективно известување.

Во текстовите, со кои се прави ретроспектива на предизборната кампања, авторот/ите се возвишува СДСМ, а се омаловажува нејзиниот политички противник ВМРО ДПМНЕ, врз основа на субјективно толкување и еднострано аргументирање.

Ако гласачите ги следат јавните настапи на лидерите на партиите и носителите на изборните листи во шесте единици, и ако одлуката ја носат врз основа на тоа, тогаш нивниот избор би бил лесен, заклучува авторот на еден од текстовите и во продолжение наведува позитивни коментари за СДСМ, а ги критикува настапите на ВМРО ДПМНЕ.

Во обид да се наметне мислење во јавноста, се изнесува личен политички став и отворено се навива за една политичка опција, со што се прави сериозно прекршување на етичките новинарски принципи, а особено на членот 14 од Кодексот на новинарите во кој е наведено дека новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Едностраните заклучоци се присутни и во двете објави, а новинарот/ите не обезбедиле балансирано претставување на политичките субјекти. Во позитивен контекст набројани се конкретни постигнувања, решенија и проекти што се дел од програмата на СДСМ, но авторот не сметал за потребно на јавноста да и претстави барем еден најавен проект или мерка од програмата „Обнова“ на ВМРО ДПМНЕ. Текстовите не се поткрепени со ниту еден извор, факт или линк до одреден настап на партиските претставници, со кои ќе се потврди дека изнесените заклучоци се точни и веродостојни.

Негаторскиот наратив кон опозицијата е нагласен и во двата написи, со субјективна прогноза дека „не му се пишува добро на изборите“, наспроти величањето на владеачката партија.

Присутни се и аргументи на повторување во обид да се засили ефектот на политички пристрасните пораки за да се зголеми или намали довербата кон одредена полтичка опција, што е неспојливо со новинарската професија чија основна задача е да информира непристрасно за темите од јавен интерес.

Авторот или авторите на текстовите изнесуваат и тврдење дека предизборните анкети покажуваат оти „СДСМ е во водство“, без да посочат релевантен извор или конкретна анкета со резултати од сондажата, со која ќе го потврдат овој факт. Особено, што деновиве се објавија повеќе анкети со различни резултати, кои предизвикаа полемика во јавноста. Новинарот е должен да го наведе изворот на информација, како што стои во член 4 од Кодексот на новинарите.

Пресекот на политичката кампања, што е тема на анализа во текстовите, е без аргументирана критика, заради што текстовите повеќе наликуваат на политички памфлети со паушални нафрлања, а не на сериозен новинарски производ.

Новинарот има право да изнесува критика и да ги анализира политичките кампањи, но само доколку тоа е засновано на објективно и аргументирано елаборирање на политичките процеси, ослободено од политички пристрасни заклучоци и тендециозни тврдења. Критиката не значи заземање страна, туку длабинска анализа на темата што се обработува и тезите што се пласираат.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

 

 

 

SEMM baner MK

banerduma

 

 

baner i od veles se moze

E baner

Konsalting Jovevi

 
   
   
   
   

Најново