Поетите од Велес: Поезијата е одраз на слобода, моќ на говор и составен дел на културата на секоја нација
19.03.2021
Со стихови напишани од перото на поетесите и поетите Лили Арсова, Светлана Далевска, Нада Алексова, Соња Гаврилова, Марина Стојанова, Божидар Јовиќ, Родна Јанчева и Вероника Саздова локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес и Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“денеска го одбележаа Светскиот ден на поезијата.
Преку поетско читање на избрани стихови од поезијата овие поетеси и поети испратија порака во чест на Светскиот ден на поезијата.
Настанот се одржа во Медиотеката на велешката библиотека.
Со овој културен настан и Велес се вклучи во одбележувње на 21 март, ден во кој секоја година, се одбележува пристигнувањето на пролетта , на екологијата и на Светскиот ден на поезијата.
Него поетите и поетесите го одбележуваат со цел да се сврти вниманието на јавноста кон поезијата, како уметност што е целосно отворена за луѓето. Овој ден е прогласен на 30 седница на УНЕСКО, одржана во 1999 година во Париз, кога е донесена одлука за славење на Светскиот ден на поезијата. И Македонија се приклучи во славење на поезијата со книжевни собири од кои авторите испраќаат пораки.
„Денот на поезијата е празник кој не е значаен само за поетите, туку и за читателите, бидејќи поезијата е одраз на слобода, моќ на говор и составен дел на културата на секоја нација. Затоа секоја држава, секоја нација и секоја култура треба да стори се за да ја поттикне поезијата и да не потсети да не заборавиме дека поезијата е нашата заедничка културна животна сила. Поезијата е живописнабоја која помага да се наслика нашиот живот. Светскиот ден на поезијата е покана да се размислува за моќта на јазикот и развојот на креативните способности на секој човек.Една од целите да се подржи јазичната разновидност и да им се даде подршката на малите издавачи“ стои во пораката на велешките поети и поетеси.
Денешниот настан беше организиран со почитување на Протоколот за организирање на настани во време на пандемија на корона вирус.
Убавка Јаневска