Осмомартовска промоција на книгата „Неверство“ на авторката Емилија Златкова-Анастасовска во велешка градска библиотека
08.03.2021
Во просториите на Локална библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, денеска се оддржа промоција на книгата „Неверство“ од авторката Емилија Златкова-Анастасовкса. Оваа книга е во издание на издавачката куќа „Полица“. Поради пандемијата од Ковид-19 промоцијата се одвиваше онлајн преку страницата на локалната библиотека.
-Почитувани љубители на пишаниот збор, денеска имаме чест и задоволство да го прославиме Меѓународниот ден на жената со промоција на книгата „Неверство“. Нашата авторка Емилија, со своето долгогодишно творешство учествувала на многу државни и меѓународни конкурси каде има освоено многу награди и признанија. Таа е автор на повеќе книги како „Волшебното синџирче“ , „Роман за деца и млади“, „Нов ден, нова песна“ – поезија, „Поглед кон невидливото“ – збирка драми, „Близнаци“ – роман за возрасни и „Детето во снегот“ – збирка раскази, рече Гордана Васковска в.д директор на Локална библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.
Во текот на промоцијата своите импресии ги сподели и читателката Ана Ѓурова, која книгата „Неверство“ ја прочитала за рекордни два часа.
-Рецензијата ќе ја започнам со извадок од самата книга – Благословен е човекот што се надева на господ и кому надежта му е господ. Пред се’ ќе кажам дека ова е една добра приказна која е убаво доловена и уште подобро напишана. Вие што ги имате прочитано книгите на Емилија мислам дека ви е познат нејзиниот стил на пишување, лесен, читлив и уникатен. Посебно ми остави впечаток ликот на свештеникот Михаил тој со својата надеж и верба во бога дека неговиот син ќе биде добро. Фокусот на романот е ставен на семејството, на нашите најмили како и нашите ангелчиња –децата. Но најголемиот фокус е ставен на нашата верба кон Бога, рече Ана Ѓурова.
Авторката Емилија Златкова-Анастасовска рече дека нејзиното најново книжевно дело е напишано за да биде поттик за борбеност на жените.
-Ние сме жени кои раѓаме и создаваме и во исто време сме креативни а умееме работите да ги направиме и убави иако понекогаш знаеме дека тоа е тешко. Ќе ги поттикнам жените да ги остваруваат своите соништа без разлика колку тоа е тешко да се стори во нашето општество. Јас сум жена што сака да експериментира па затоа во моето досегашно творештво имам поезија,раскази, роман за деца и сакам да се обидам да пишувам во различни жанрови. Овој пат напишав трилер, не класичен но со порака. Насловот е „Неверство“ но мојата порака е сосема спротивна и гласи Верност, рече Златкова-Анастасовска.
Авторката анализирајќи ја својата најнова книга додаде дека исто така во содржината читателите ќе пронајдат поттик за самоанализа која упатува на тоа како ние постапуваме кон другите и колку тие можат да се потпрат на нас како на младо дрво, дали сме променливи во ветувањата што ги даваме како родители, сопруги, пријателки итн.
Стефани Манева