Отворена изложбата „Се што не ти кажав“ на уметничката Снежана Лазарова Луна
14.08.2020
Велешкиот слободен уметник Снежана Лазарова Луна, по повод 10 годишниот творечки јубилеј, синоќа ја реализираше деветата самостојна изложба на која изложи 40 свои дела создадени во сите изминати години како и дела од најновиот циклус „Се што не ти кажав“.
Самоуката талентирана уметничка, наивец, во изминатата деценија истражуваше и усовршуваше технологија со помош на семиња да создава мозаично творештво. Таа е единствена по оваа техника во државата.
-Работам во техниката мозаик, со семе од бел ориз и црн синап, а во последно време надоградувам и со семе на просо со жолта боја, која дава светлост на моите дела. Темите се разновидни, од мртва природа до пејсажи од Велес и околината посебно од кањонот Пешти, старите велешки куќи, како и многу ликови на светители од православието што можете да ги погледнете на импозантната „Тајна вечера“. Тука се и мозаиците со ликот на нашиот непреболен музички уметник Тоше Проески, рече Снежана Лазарова Луна
Со изложбата „Се што не ти кажав“ Снежана Лазарова Луна за прв пат се преставува во родниот град и пред велешани.Нејзината уметност досега имаа можност да ја видат граѓаните на Валандово, на Кочани, на Виница, на Струмица, на Градско, на Македонска Каменица. Таа учествувала и на меѓународни колонии во Битола и во Ресен. Луна, исто така, планира своето творештво да го претстави и во Турција како и во други земји. Тоа ќе треба да се случи по завршување на пандемијата со Ковид-19.
Изложбата „Се што не ти кажав“на Снежана Лазарова Луна е дел од годинешната манифестација „Велешко културно лето 2020“ организирана од Општина Велес./У.Ј