Велес во меѓународен проект за културно наследство
29.05.2020
Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција го одобри проектот на Француската асоцијација „Ситé е Ситé“ со седиште во Бордо, во партнерство со асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство со седиште во Велес, Министерството за култура, македонските градови и универзитетите како и во соработка со партнери од Република Албанија: Институтот за културни споменици, Министерството за култура, Асоцијацијата на општини на Албаниј,на градовите Берат и Елбасан.
За ова денеска информираше градоначалникот Аце Коцевск. Тој соопшти дека станува збор за значаен проект што ќе се реализира во партнерство на Република Франција со Република Северна Македонија и Република Албанија. Проектот планира размена на знаења и стандарди за урбанистичко планирање на старите јадра во градовите, пејсажната архитектура, валоризацијата и развојот на туризмот преку културното наследство.
Покрај Велес во проектот ќе бидат вклучени уште седум градови од Македонија и тоа: Скопје, Битола, Берово, Кратово, Крушево, Охрид, Штип кои се посветени на заштита на културното наследство.
Во реализацијата на проектот ќе бидат вклучени и 5 француски градови.
„Со цел оваа тематика да го најде своето вистинско место на планот на евроинтеграциите на локално ниво, веќе разговаравме и со Заедницата на единиците на локална самоуправа – ЗЕЛС за нивно вклучување во реализацијата на активностите и проектите“ рече Коцевски.
Тој упати јавна благодарност до г-ѓа Марилиз Ортиз директор на Француската асоцијација „Ситé е Ситé“, Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција, до г-динот Тимоние, Амбасадор на Република Франција и нашата амбасадорка во Франција г-ѓа Јадранка Чаушевска за поддршката на овие значајни проектни активности./У.Ј