Предупредувачки штрајк на културните работници во велешки Театар „Јордан ХК Џинот“
Денеска вработените во велешки театар „Џинот“ не ги одржаа пробите и вечерва нема да ја одиграат претставата што се наоѓа на редовниот репертоар. Еднодневниот штрајк е предупредувачки поради незадоволството од не потпишаниот Колективниот договор на Синдикатот на култура со министерството и со Владата. Според претседателот на синдикалната организација во театар „Џинот“, актерот Самоил Стојановски, долги години траеле убедувањата за носење на Колективен договор со кој ќе се регулираат односите внатре, во културните институции.
-Од последниот Колективен договор се поминати најмалки 15 години. Тој не беше транспарентно донесен затоа што се донесе заедно со образование и наука и мислам дека не успеа толку стручно да опфати некои дејности, конкретно во културата. Првото убедување на актуелната Влада беше дека ќе се регулира до крајот на 2018 година па по изминување на рокот добивме ветување за 2019 година по што како преоден модус се премина на нивелација со кои се уредија делумно платите во секторот култура. При тоа целта на овој Колективен договор не е покачување туку нивно регулирање, рече Стојановски.
Бидејќи не бил постигнат договорот за нов Колективен договор за културата до месец септември годинава, културните работници, го одржаа протестот пред зградите на Министерството за култура и Влада во месец октомври. Но државните институции повторно не го испочитувале даденото ветување за нов Колективен договор со краен рок 18 декември 2019 година.
-Бидејќи и тоа не се случи денеска преминавме на предупредувачки штрајк кој ќе трае само еден ден кога сите културни институции нема да ги извршуваат своите работни задачи како престави, изложби, примање на посетители во библиотеки и слично. Следниот чекор е генерален штрајк се до исполнување на конечните барања, додаде Стојановски.
Со Колективниот договор се очекува да се прецизираат правата и обврските на вработените во културата, работното време, коефициентот, висината на платите и друго.
На штраjкот што го иницираше Синдикатот на вработените во културата, ќе се придружи и СОНК./У.Ј