Актерот Диме Илиев добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2019 година
Неодамна пензионираниот македонскиот театарски актер, на ансамблот на Драмски театар Скопје и режисер, Диме Илиев е годинешен добитник на актерска награда за животно дело „Петре Прличко“.Вака одлучи тричлената жири комисија во состав: Сашо Димоски, сценарист и претседател како и актерите Фаик Мефаилоски и Талија Настова на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Импозантната бројка од триста и седумдесет уметнички остварувања на Илиев, вредни за респект и почит, како и бројните награди што годинешниот лауреат ги добил, беа пресудни за донесената едногласна одлука на жири комисијата, рече Димоски.
– Сумирајќи ги фактите од материјалите прибрани од предлозите за Диме Илиев, се бележат преку триста седумдесет уметнички остварувања. Во рескпектибилната бројка, улогите во театар, запомнети од критичарите како најмаркантни, ги има преку сто и педесет од кои поголемиот број главни. Се бележат осум улоги на филм, осумнаесет телевизиски, како двеста радиодрамски улоги. За своите актерски остварувања Диме Илиев ги добил следниве награди: Најдобар млад актер за улогата на Младичот во претставата „Црнила“ во 1977 година, наградаите Ристо Шишков за улогата во претставата Од првиот здив во 1995 година , за главна улога на телевизискиот фестивал „Порторож“, за улогата во телевизискиот филм „Сослушување на железничарот“ во 1976, Најпопуларно ТВ лице за серијата Наши годиниво 1979 година, награда Актер на годината која ја доделува Дневник (2015) и награда за Најдобро актерско остварување, машка улога на ФАД Стоби, за улогата на Таткото во претставата Евридика во 2013 година, додаде Димоски.
Наградата за животно дело „Петре Прличко“ во 2006 година ја востановија Општина Велес, велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и тогашното актерско здружение.
– Наградата ја востановивме со цел да го направиме името на Петре Прличко уште по бесмртно, во чест на неговите огромни остварувања, во театарската и во филмската уметност. Тој е еден од најголемите македонски театарски актери. За среќа Велес не само што има прекрасна театарска публика туку е и расадник на големи актерски имиња почнувајќи од Тодорче Николовски преку Петре Прличко, Јосиф Јосифовски, Трајко Чоревски се до актерите од современата генерација на чело со Васил Зафирчев, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Тој додаде дека особена чест е што досега добитници на наградата се актерите Благоја Спиркоски – Џумерко, Петар Мирчески, Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Милица Стојанова, Младен Крстевски и други не помалку значајни македонски актерски имиња.
Годинава, предложен од Драмски и од пензионираниот актер на велешки театар Александар Георгиев, како еден од вкупно тројца кандидати, на Илиев, наградата која се состои од плакета и парчен дел во износ од 30.000 денари ќе му биде доделена вечерва, на 7 октомври, со почеток во 20 часот, на сцената на велешки театар. Во негова чест колегите од Велес, од театар „Јордан Хаџи Константинов Џнот“ ќе ја одиграат претставата „Слуга на двајца господари“. /У.Ј