Андоновски: „Рацин е божји дар за овој народ, кој треба Рацина да го перцепира како дар од бога“
Ремек делото на современата македонска книжевност и уште еден скапоцен камен во твореештвото на авторот, како што го опиша претседателот на жири комисијата за доделување на Рациновото признание за 2019 година Мишел Павловски романот на Проф. др Венко Андоновски „Припитомување на кучката – раскази за лудилото“ ,во издание на „ТРИ“, по втор пат му ја донесе престижната награда на авторот. Таа на Проф. др Венко Андоновски му беше врачена на свеченото затворање на 56 Рацинови средби. Андоновски по втор пат се запиша во рациновата ризница по точно 25 години кога Рациновото признание го доби за прозното дело ,,Фрески и гротески“.
-Делото, кое во своите три циклуси, фрески и иконки и карикатури и гротески се распостила пред очите на читателот е своевиден трактат за извитопереноста за поимањето на лудилото наспроти нормалното во сите видови и облици. Андоновски уште еднаш преку исечоците на животите на своите обични ликови ја слика паланечката култура и свест, тема на која авторот со задоволство и се навраќа. Силни и едноставни раскази кои не уверуваат дека авторот мајсторството на пишување на расказ го развил до совршенство за тајната да се крие во едноставноста, додаде Павловски.
Обраќајќи им се на присутните и особено на организациониот одбор, добитникот на годинешното Рациново признание, прво им упати благодарност за трудот ,,од петни жили“ за да ја вратат манифестацијата на ниво на посетеност и квалитет како во нејзините најдобри години за потоа да направи споредба на сопствениот лик, пред и по дваесет и пет години, како автор кој го добил признанието.
-Рацин и неговата фигура е тоа што го спасува овој од оној автор, во дваесет и пет годишното огледало, па затоа сега ќе кажам неколку зборови како јас го доживувам Рацин и што тој за мене значи поточно зошто имам таква интуинација, приврзаност за Рациновото признание. Фгурата на Рацин ја доживувам како исклучителна културна фигура на која можат да и позавидат многу поголеми народи, култури и цивилизации. Ке го цитирам поетот Михаил Ренџов, кој и на 83 годишна возраст е таму каде што сме ние помладите поети и писатели, искажана вчера додека заедно патувавме: Рацин е божји дар за овој народ и овој народ Рацина треба да го перцепира како дар од бога. Јас утрово многу размислував за ова и ја барав врската меѓу Рацин и бога. Да таа е во талентот, штом можел да испее такви елегии и да напише толку мудри мисли расфрлани низ неговите ракописи, додаде Андоновски.
На втората вечер на манфестацијата „Рацинови средби“, годинава, Почесното Рациново признание му беше врачено на Неговата Екселенција , Амбасадорот на Република Словенија во државава Проф. др Милан Јазбец за особен придонес во популаризацијата и ширењето на македонската култура , литература и јазик надвор од границите на Македонија. Јазбец е поет и преведувач на дела на автори од македонски на словенечки јазик и од словенечки на македонски јазик.
– Многу сум среќен и почестен, што моето книжевно остварување, а особено поезијата претставуваат мост помоѓу нашите земји, луѓе и култури. Тоа е културна дипломатија. Тоа е најмногу што можеме да си дадеме еден на друг. Нека поезијата, а преку неа и зборот, уште долго време не поврзува и го зацврсти нашето човечко дружење, радоста и пријателството, рече амбасадорот Јазбец.
Втората вечер на 56-те „Рацинови средби“ започна со музичка изведба на Драган Даутовски на окарина и заврши со концерт во чест на годинешните лауреати на Даутовски трио./У.Ј