Ново гостување во Бугарија на велешки театар со претставата „Вдовицата се мажи“
Театарот „Јордан Х.К-Џинот“ Велес во четврток, на 21-ви јуни, со почеток во 20 часот, ќе настапи на сцената на Драмскиот театар во Трговиште, Бугарија со комедијата „Вдовицата се мажи“ според „Мечка“ на А.П.Чехов, во режија и адаптација на Младен Крстевски.
Гостувањето е продолжување на соработката со Драмскиот театар од Трговиште, на чија што сцена Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес настапи и минатиот месец со претставата за деца „Волшебникот од Оз“ во рамките на Меѓународниот фестивал на претстави за деца „Волшебната завеса“. Ова е второ интернационално претставување на „Вдовицата се мажи“ после извонредниот настап на Меѓународниот фестивал „Руска класика“ во Москва, Русија каде што претставата ги освои наградите за најдобра странска претстава и за најдобар актерски ансамбл.
„Вдовицата се мажи“ е адаптација на едночинката „Мечка“ од Антон Павлович Чехов, напишана во 1888 година, која на комичен и атрактивен начин за гледање ја следи приказната за вдовицата Попова, која седум месеци е во траур по смртта на сопругот и одбива да излезе од имотот и да прима посети. Комуницира единствено и само со нејзиниот лакеј Лука и вработените на имотот. Кај неа ненадејно доаѓа Смирнов, артилериски поручник во оставка и кредитор кој си ги бара назад парите кои му ги должи покојниот сопруг на Попова.
„Вдовицата се мажи“ е комедија на карактери која изобилува со брзи дијалози, силни емоции и ненадејни пресврти. Претстава за едноставната комплексност на човековата природа, за тенката граница помеѓу омразата и страста, за човекот кој честопати знае да биде чуден, а прекрасен и туѓ на себе.
Сценографијата за претставата е на Филип Коруновски, костимите се на Катерина Чукниева, а изборот на музиката е на Снежана Митова. Во претставата настапуваат актерите Марина Поп-Панкова, Васил Зафирчев и Младен Крстевски./У.Ј