Црковно младинскиот хор „Свети Кирил и Методиј“ втор на меѓународниот фестивал во Белорусија
Во годината кога го одбележуваат пет годишниот јубилеј, остварувајќи ја својата мисија за преродба на духовен план и на духовната музика во Велес, на градот му донесоа уште една вредна награда дваесет и шесте членовите на Црковно младинскиот хор „Свети Кирил и Методиј“. Во силна конкуренција на хорови кои негуваат духовна музика тие ја освоија втората награда на натпреварот на црковни хорови во градот Гродну, во Белорусија. Иако хорот има смена на генерации, на тамошниот реномиран хорски натпревар и во конкуренција на академски музички хорови сепак беа на чекор зад првопласираниот хор од Академијата „Михаи Глинка“ од Украина.
– Да се бориш рамо до рамо со реномирани хорови кои постојат педесет години, не е мала работа. Јас лично сум многу задоволна и со ова освоено второ место бидејќи нашиот хор со само пет години искуство со хорско пеење освои второ место. Ова е плод на петгодишна работа со деца кои дошле во хорот од основните училишта и за само толку краток временски период се обликувале во хористи со извонредни гласовни постигнувања. Тоа што тие се подготвени за презентации надвор од родната земја ме прави посебно радосна и горда на нив. Благодарна сум што имам ваков хор, рече диригентката Веселинка Маџарова Андова.
Наградата што се состои во диплома за освоено второ место и фотографски апарат хористите ја добија во конкуренција на младинска категорија во која се натпреваруваа вкупно триесет хорови кои негуваат духовна музика од земји со православна и католичка вероисповед. Хористите изведоа композиции на светски и македонски автори како што се Чехноков, Чајковски, преработките на Драган Шуплевски како и композицијата „Светение Господово“ создадена на текст од Библијата додека автор на музиката, всушност четиригласна композиција, е диригентката Веселинка Маџарова Андова. Како репрезентативен хор во македонски услови, рангиран помеѓу трите најдобри, во старосната структура го имаат најмладиот кој е на десетгодишна и највозрасниот хорист на осумнаесетгодишна возраст.
– Од организациски аспект нивото на фестивалот беше на многу високо ниво а интересот за велешкиот Црковно младински хор „Свети Кирил и Методиј“ беше голем. Настапот на хористите беше проследен со директни телевизиски вклучувања на националната белоруска телевизија. Интервјуа дадоа диригентката Маџарова и дел од хористите. Тие исполнија хорски творби во иста вечер со врвниот хор на духовно пеење на храм „Христа Спаса“ во Москва . Бидејќи јас ги следев настапите од публика ќе кажам дека ниту еден хор не беше испратен со таков громогласен аплаус како нашиот хор, не ги покануваа назад на бис и не им се фрлаа во прегратка. Тоа не беше случајно. Составот на жирито беше од источните земји. Сакам само да истакнам дека иако подмладувањето на хорот се случи неколку месеци пред заминувањето на овој натпревар децата брзо се вклопија и давајќи се од себе постигнаа респектабилен резултат, рече протереј Борислав Бобевски.
На фестивалот диригентката Маџарова Андова и протереј Бобевски оствариле средба и со Гродненскиот Архиепископ а по враќањето дома Епархијата Повардарска добила писмена благодарност за учеството и настапите на хорот.
Сепак постигнатите резултати како и континуираната работа и подготовка на хористите, како што рече Маџарова, не беа доволни дома овој хор да добие финансиска поддршка од Општина Велес и од Министерството за култура. Тоа годинава му се случило за првпат на Црковно младинскиот хор „Свети Кирил и Методиј“ бидејќи до лани континуирано бил помаган со финансиски поддршки од општинско и национално ниво. Сега единствената помош му ја обезбедувала Повардарска Епархија./У.Ј