Наградена песната „Обденување“ на поетот Божидар Јовиќ
Роднокрајниот поет Божидар Јовиќ ја освои третата награда на литературниот конкурс „Бдеење на кокоински мугри“ организиран од Друштвото на писатели на Куманово.
Јовиќ на конкурсот учествуваше со творбата Обденување“.
Наградата на поетот му беше доделена на Меѓународниот поетски митинг „Бдеење на кокоински мугри“ 2017 година што се одржа во понеделникот на 31 јули во Кокино.
Освен Јовиќ, на поетскиот митинг од Велес, учествуваа и роднокрајните поети Родна Јанчева и Јасмина Ѓоргиева.
„Обденување“
Од раната мугра Земјата светнува
расцутена песна природата ја буди
цветот се развива, птицата полетува
со весел збор човекот ќе проговори.
Полјата се ведри, исполнети и плодни
минат часови, обденуваат столетија
плодот израснува раце благородни
љубовта е широка во човечки битија.
Исконско дарување ја открива светлината
младоста во зрелост спокојно поминува
очите ја доживуваат дневната виделина,
со тивок жар наутро Сонцето блеснува.
Облаците пловат по небесна широчина
од височини на Кокино се раздени утро,
благозаветноста се развива со топлина
честа е будна, а срцето отчукува мудро.
Сончевата чистина насекаде плиска
возвишена гора се сплотува во човека
Земјата се обденува, а небото блеска
животното разденување дарува сенка.
Каде и да појдеш трага ќе оставаш,
од изгреј до зајдисонце времето лета,
мека светлина од очите даруваш
мисла со пораки во строфа се полети.
Родно Кокино на почвата доблесно,
летниот трепет на листот е кревко
плодовите се божји дар бериќетно
само Ти можеш да работиш чесно.
Песнопојот е блага кокинска песна
од полето родот во домот стигнува
украсната круна од лозница лесна.
Божидар Јовиќ