Стихозбирката “Тело одречено од пливање” на поетот Митко Апостолов годинешен добитник на наградата „”Антологија на болката”
Наградата “Антологија на болката” за најдобра дебитантска и необјавена поетска збирка од современ македонски поет за 2017 година ја добива стихозбирката “Тело одречено од пливање” на поетот Митко Апостолов. Вака одлучи стручната жири комисија за доделување на наградата “Антологија на болката” во состав Ана Костовска, директор на издавачката куќа “Култура” претседател, Даница Ивановска Лепојевиќ, поет и минатогодишен лауреат во својство на член и Катерина Момева, писател во својство на член. Одлуката е донесена едногласно по прочитот и анализата на сите 12 стихозбирки од официјалната конкуренција за наградата.
Во обрзложението на одлуката за наградата Даница Ивановска Лепојевиќ вели:
“Ова е љубовна поезија во која длабочините на танатосот се на моменти толку длабоки што височините на еросот се скоро недофатливи, дури заборавени. Ја губиме љубовта од вид заглибени во болка и мачнина за таа повторно, во некое малку подалечно време, да воскресне во целата своја убавина на секосмичкото значење на малите моменти и ситните радости кои не прават човечки битија.”
Годинешниот добитник на наградта, Митко Апостолов е роден на 01.08.1987 година во Тетово. Тој е дипломиран машински инжинер кој почнал да пишува поезија и кратка проза на blog.mk. Негови песни и кратки раскази се објавени во списанијата “Акт” и “Чивилук”. Во 2016 настапува на XV Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавен во антологијата на словенечки јазик “Фестивална антологија на изворна и преведенa европска поезија на 21-от век”. Застапен е во е-зборникот од 2015та година од глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“, како и во алманахот од интернационалниот фестивал „Литературни искри“ од Гостивар за 2016та година. Досега Апостолов учествува на повеќе поетски читања меѓу кои и Астални проекции. Тој живее и работи во Скопје.
Наградата “Антологија на болката” се состои од плакета, публикација на стихозбирката од страна на “Култура” и нејзина промоција во рамките на 54-тите “Рацинови средби”.
Наградата на добитникот Митко Апостолов ќе му биде доделена на свеченото отворање на манифестацијата на 9 јуни во Велес.