Библиотеката „Гоце Делчев“ го одбележа патрониот празник
Од фондот на книги во градската библиотека „Гоце Делчев“, студентите и додипломците најмногу користат стручна литература, учениците лектири додека граѓаните најмногу ги бараат бесселерите. Библиотеката е задоволна од интересот за расположливиот фонд на книги што го покажува читателска публика во градот. Директорот Игор Крајчев, на одбележувањето на патрониот празник на институцијата, соопшти дека е задоволен од интересот кој библиотеката го поттикнува со тоа што редовно организира литературни читања и промоции на автори и книги.
– Ние сме задоволни од младата читателска публика која преставува иднина на библиотеката. Токму за тоа организираме и литературни конкурски со цел да ги донесеме децата во институцијат, оние кои можеби и претходно не дошле, за да видат, да се запознаат што работи, да ги мотивираме да творат и да ги мотивираме да читаат затоа што така се мотивира читањето и љубовта кон мајчиниот јазик. Задоволни сме од она што младите го покажуваат и како автори и како читатели и секогаш постои можноста да се унапредува и да се збогатува, рече Крајчев.
Тој изјавата ја даде кога во библиотеката се одржуваше настан на кој беа прогласени победниците на последниот литературен конкурс што во соработка со Клубот на писатели „Кочо Рацин“ го организираа по повод патрониот празник. На него учествуваа ученици од основните училишта, поделени во две категории од прво до петто и од шесто до деветто одделение, како и учениците од средните училишта во Велес.
Првата награда во категоријата најмлади поети ја освои Бојан Стојанов ООУ „Св. Кирил и Методиј“. Второто место и припадна на Антонија Гијовска од ООУ„ Блаже Конески“ а третото на Марко Варналиев од ООУ „Јордан ХК Џинот“.
Во категоријата на ученици од петто до девето одделение за најдобра беше прогласена литературната творба на Мартин Кузмановски од ООУ „Васил Главинов“, второто место и припадна на Вероника Гијовска од ООУ „Блаже Конески“ а третото на Мартина Пепова од ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ од Иванковци.
Сите три награди на конкурсот за средношколци ги освоија ученички на ОСУ „Гимназија Кочо Рацин“. Ученичката Талија Ѓорѓиева беше првонаградена , ученичката Цветанка Ацева е второнаградена и ученичката Мирсаде Етемова третонаградена.
Библиотеката, годинава, за најредовни читатели ги прогласи Анита Апостолоска, од возрасната популација и Ана Марија Паунова кај детската читателска публика.
Исто така, Марија Питиќова беше пофалена како највозрасен читател и за најмлад шестгодишната Елена Јанева.
Пофалници добија и повеќе институции, театарската трупа „Словото“, балетското студио „Анабела“ и веб порталот Ти реков ми рече.
Од годинава, библиотеката воведе и награда за афирмираните автори кои ги промовирале своите дела пред велешката публика. Добитник на штотуку востановената награда е писателот Зоран Пејковски од Битола./У.Ј