Ревијата „Стрип Креатор“ во ново руво
Стрип Центарот на Македонија, со седиште во Велес, издаде два нови броја на ревијата „Стрип Креатор“ по која е познат дома и во странство. Оваа ревија има непроценлив придонес во развојот и афирмацијата на македонскиот стрип. Дваесет и петиот и дваесет и шестиот број на ревијата има сосема нов изглед од кој се очекува да ја зголемат неговата прифатливост кај стрип публиката во Македонија и пошироко.
Она што дава специфичност на овие два броја, освен новитетите во неговиот дизајн, е и содржината што се заслуга на Александар Стеванов.
Имено ,покрај запазувањето на традицијата за претставување на наградените и на добрите македонски стрипови од последниот 14 ти Интернационален стрип салон „ВЕЛЕС 2016“ ,внимание предизвикуваат и текстуалните осврти на Александар Стеванов за женскиот стрип во Македонија како и за поранешното македонско списание „ИЛУСТРИРАН ЗАБАВНИК“.
Во новите броеви на ревијата, како заложба за реафирмирање и реактивирање на македонски стрип автори , меѓу другите застапени се професор Јорданчо Давидовски од Куманово како и сценаристот Ване Трајков од Велес потоа , Мирко Бојаџиевски, Марија Стојановска, сценаристот и цртач Александар Стеванов, Оливер Цветковски, Ненад Станчев и секако доајените на македонската стрип уметност Тоде Блажевски и Диме Иванов-Димано.
Двата последни броја на ревијата „Стрип Креатор“ се издадени со финансиска поддршка на Министерството за култура и тие можат да се набават кај издавачот СЦМ – Велес како и во стрипарницата „БУНКЕР“ во Скопје./У.Ј