Училиште за креативен стрип ангажман во село Нежилово
Дванаесет цртачи од Скопје, Куманово , Струмица , Кратово, Битола и с.Горно Јаболчиште со помош на нивни водичи и активисти на Стрип центарот на Македонија, од четврток 20 април и во наредните четири дена, ќе бидат учесници на Стрип училиште за креативен ангажман што ќе се одржи во селото Нежилово. Цртачите ќе ги довршат започнатите стрип дела со приоритетни теми : миграции, меѓуетнички односи, родови прашања, екологија и на други теми во зависност од афинитетот и интересот на авторите.
Стрип училиштето е дел од проектот „Стрипот како креативна алатка во функција на граѓанскиот ангажман“ и има за цел да ја афирмира стрип уметноста како алатка за испраќање на општествени пораки преку креативен процес на поединци и институции.
За разлика од досега спроведените проекти овој пат особено внимание е посветено на талентот на избраните цртачи, времето на подготовка на темите и контурите на нацртаните стрип дела, кои што треба да се довршат за време на ова стрип училиште, велат од Стрип центарот на Македонија. Од таму додаваат дека ќе се промовира и македонската и интернационалната стрип сцена ,а ке се организираат и тематски состаноци за вмрежување кои ќе имаат за цел афирмирање и социјална примена на стрип културата во нашата земја.
По завршувањето на училиштето, од нацртаните дела ќе се издаде каталог и ќе се организираат изложби во градовите од каде доаѓаат учесниците на четиридневното стрип училиште во село Нежилово.
Проектот „Стрипот како креативна алатка во функција на граѓанскиот ангажман“ е финансиран од програмата Civica mobilitas на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) спроведуван од NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт јавна администрација (SIPU) ./У.Ј