Нова премиера на велешки театар – претставата „Ана Комнена“ во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев
По два ипол месеци интензивна работа на градењето на претставата „Ана Комена “, во која учествува скоро целиот ансамбл, велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов денеска ја најави премиерата што ќе се одржи за осум дена.
Aна Комена е претстолонаследник на византискиот престол што не успева да застане на чело на царството само затоа што е жена. И покрај перипетиите што и се случуваат во борбата за престолот, нејзиниот прогон, на крајот сепак таа успева да ја извојува морална победа. Претставата е градена на три основни концепти како што се родовото устројство на светот,позицијата на жената во власта и преиспитување на концептот верба, позицијата на Бог, прочитана од сите можни перспективи што го засегаат човековото битие.
– Овие три концепти се особено сериозни, на нив почива цивилизацијата. Сметам дека за сите кои бевме вклучени во градењето на претставата ова беше сериозна школа и сериозна можност да покажеме до каде е нашиот театар во создавањето на театарски престави и дека стои рамо до рамо со останатите театарски ансамбли во Македонија и на ниво на ансамбл и на ниво на техничка подготвеност, рече авторот на текстот Сашо Димовски.
Тој е уверен дека претставата сериозно ќе допре до публиката.
И во денешно време постојат сегрегирањата по основа на пол и затоа е интересна животната приказна на Ана Комнена, смета режисерот Ненад Витанов.
– Низ целата претстава ја гледаме личната драма на Ана Комнена, сите фрустрации и сите емоции кои можат да произлезат од едно такво повредување од најблиските, од семејството. Таа е воспитувана дека ќе биде кралица, е образувана и воспитувана во тој дух и наеднаш тоа право и се одзема. Таа доживува голем емотивен шок и слом од кој сепак излегува како морален победник, што на крајот ја дава поентата дека човекот не го прави позицијата во општеството туку душата и срцето, рече Витанов.
Тој додаде дека публиката ќе биде затечена од маестралната изведба на главниот ликот во претставата што го толкува актерката Кети Борисовска.
Зборувајќи за ликот на Ана Комнена, Борисовска, него го спореди со бесконечниот временски простор каде се сместени материјата и енергијата, како што е вселената.
– Таа е најголемиот воин во борбата за добивање на нештата со право што следува по природен пат. Нејзиното најсилно оружје е тоа што е апсолутна жена. Жена која во еден миг откажува да сноси одговорност дури и за украденото јаболко на Ева, пре мајката на сите родени деца на овој свет. Ана копнее да биде крунисаната жена на вечноста. И успева во тоа, иако обесправена, борбата ја добива така што како жена го носи сопствениот крст со крвави нозе, се разбира во метафоричка смисла но, со многу љубов и верба како што и самата во еден дел од сцените кажува: Верба има секаде, Бог е во мене и секогаш е со мене, затоа верувам, затоа секогаш ќе верувам, рече Борисовска.
Велешкиот театар најави спектакл поточно претстава што ќе биде конкурентна на сите фестивали дома и во странство. Премиерното прикажување ќе се одржи во петок, на 17 февруари, на сцената на велешки театар./У.Ј