По шести пат „Импакт“ фестивалот во Велес
Со две кратки театарски претстави наменети за најмладата публика во недела на четври декември започнува шестото издание на фестивалот за изведбени уметности Импакт во Велес. „Наш мал театар“ од Скопје, на мала сцена, ќе се претстави со претставите „Девојчето со дрвото портокалово кралство“ и „Забранета љубов“ и тие според директорот на фестивалот Александар Ивановски ќе понудат едно специфично и невообичаено сценско доживување на публиката.
Вечерта во неделата на големата сцена ќе заиграат актерите од битолскиот Интимен театар со претставата „Будење на пролетта“. Следна претстава во рамки на фестивалот, во понеделник, ќе се одигра претставата „Делириум тременс“ во продукција на Театарска работилница Прилеп и тоа во клубот Тарантино. Годинешното издание на фестивалот завршува со претставата „Жена од минатото“ во изведба на кумановскиот театар.
– Фестивалот се труди секоја година да понуди доживувања кои што се различни од она што велешката пред се публика е навикната да го гледа и со тоа да создаваме еден нов простор за публиката и да работиме на нејзиниот развој, за едни поинакви сценски доживувања. Тоа е идејата која што ја водиме постојано овие изминати години и после ова ќе направиме една рекапитулација на она што се случуваше досега, на она што го имавме поставено за цел, на тоа што успеавме и на тоа што не успеавме, рече Ивановски.
И годинава Фестивалот Импакт е комплетно поддржан само од Фондацијата за култура Алијанс од Берлин. Ивановски објасни дека фестивалот не добил поддршка од општината и од министерството за култура, па поради ограничениот буџет годинава програмата на фестивалот ја сочинуваат само македонски претстави од независни театарски куќи во чиј репертоар се наоѓаат претстави со современ театарски израз./Д.С