Балетската претстава за деца „Трите прасиња“, во кореографија на Олга Панго ќе гостува со две изведби во велешки театар
Станува збор за добро познатата приказна за трите прасенца, Бушавко, Палавко и Темелко, кои се музичари и свират на хармоника, дајре и труба. Но, тие сеуште не свират најдобро. Живеат на една мала фарма, далеку од светлата на големиот град. Бушавко свири на хармоника, Палавко на дајре, а Темелко на труба. Тие во претставата ќе одлучат да ја напуштат фармата за да се запишат на музичка академија и да научат да свират одлично на своите инструменти.
Но, тука е и неизбежниот и страшен Волк, кој сака да ги изеде! Бидејќи се тргнати на пат и немаат заштита како на својата фарма, а се наближува ноќта, размислуваат како да се скријат од Волкот, кој ги следи.
Тогаш најпаметното од нив, Темелко, предлага да си изградат куќички, додека Палавко и Бушавко се побунуваат велејќи, дека тие се музичари, а не ѕидари. Но дали, ќе изградат куќички и како ќе се спасат од Волкот, ќе дознаете на крајот на претставата.
Кореограф на оваа претстава на Македонската опера и балет е Олга Панго, костимите се на Марија Папучевска, а во претставата настапуваат солистите на Балетот на МОБ: Маја Митровска Богојевски, Дафина Даниловска Кочевска, Билјана Басмаџиева, Агим Бафтии и Едона Пајазити.
Претставата „Трите прасенца“ во Велес ќе гостува во среда, на 30 ноември годинава со две изведби. Првата ќе започне во 17,30 а втората во 19 часот./ У.Ј