„Воздишки на срцето“, втората стихозбирката на младата поетеса Марија `Ртоска
Таа за две години на вљубениците во поезијата им подари две стихозбирки во кои ја опејува љубовта. Младата велешанка, идна лекарка, по втор пат ги распосла своите емоции на бела хартија, во книга во која ги реди стиховите со најемотивните чувства од себе. И додека се читаат зборовите, нанижани во стихови, неспорно е дека Марија `Ртоска ги открива чистите човечки чувства на вљубените кои избликнуваат како вулкан, во волшебни воздишки од срцето.
– Марија `Ртоска со својата гордост и достоинство го штити и чува моминството. Нејзината емотивност е изблик на душата. Тоа е и порака да се израсне, да се дојде до врвот на спознанието поточно животот исполнет со љубов, рече промоторот Божидар Јовиќ.
Младата поетеса од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ ја има поддршката на своите постари колеги.
– Ја поздравувам нејзината храброст своите чувства да и ги открие на јавноста, во прекрасна книга со наслов Воздишки на срцето. Претпоставувам дека била инспирирана од се она што го доживеала како млад човек. Искрено и посакувам и понатаму да продолжи да твори и еден ден да не удостои со сопствен роман, рече претседателката на Клубот, Лила Арсова.
Да се сака, да се љуби и да се биде позитивен. Овие три неизбежни пораки ќе ги сретнат читателите на стиховите во стихозбирката на `Ртоска. А таа младешки невино и авторски сигурно на новинарите им појаснуваше како се создаваа емотивните изблици во втората нејзина книга.
– Стиховите ги создавав во изминатите две години. Штом книгата беше готова ја испратив на конкурс на кој ја освоив наградата за печатење на книга. Станува збор за конкурс објавен од издавачката куќа „Дата песнопој“ од Битола. Јас и мојата прва стихозбирка „Кога љубовта повикува“ ја отпечатив со помош на истата издавачка куќа откако за наградата конкурирав и ја добив, рече младата авторка `Ртоска.
Таа е член на подмладокот на велешкиот Клуб на писатели „Кочо Рацин“ кој студира на Медицинскиот факултет во Штип. Промоцијата на стихозбирката „Воздишки на срцето“ се одржа во Ликовниот салон во Велес пред повеќе почитувачи на литературата и врсници на авторката. /У.Ј