Златен медал за велешкиот црковен хор Св. великомаченик Пантелејмон
Камерниот црковен хор Св. великомаченик Пантелејмон , со 93 бода, го освои првото место и се закити со златен медал на дваесетиот Интернационален хорски фестивал и на четиринаесетиот натпревар на хорови во градот Карписи, Република Грција. Велешкиот црковен хор ја освои и наградата за најдобар диригент на фестивалот.
„Ова е наше прво излегување во странство и за нас претставува голем успех. Јас ја користам оваа прилика да им честитам и најтопло да ги поздравам моите хористи кои максимално се вложија за да се претставиме во најдобро светло на фестивалот. Овој успех го постигнавме со макотрпна работа речиси една година претходно“, рече диригент Славица Ставрева.
Ставрева вели дека се поголем е бројот на луѓето кои се враќаат во храмовите и ја почитуваат и вреднуваат духовната музика. Особено се надева со овој успех на хорот ќе придонесат таа да се издигне на повисоко ниво.
„Апелирам до сите наши млади личности и млади сограѓани кои што имаат љубов кон духовната музика да ни се придружат. Вратите на нашиот хое се секогаш отворени, нормално со претходна аудиција и можат да ме најдат во Повардарската епархија“, рече Ставрева.
Велешкиот црковен хор опстојува веќе 12 години и настапува на бројни манифестации во градот како и во неделните богослужби во црквата Успение Пресвета Богородица.
Даниела Саздова