Вечер на лауреатите на „53 Рацинови средби“
„Наградата „Рациново признание“ не е награда што ја доделува некое жири, на институција туку е награда на самиот Рацин, неговата награда.“ Со овие зборови, синоќа, во големата сала на велешки театар го започна своето емотивно и стручно обраќање кон присутните гости проф д-р Јелена Лужина во името на жири комисијата која годинава го додели највисокото признание „Рациновото признание 2016“ на меѓународната културна манифестација „53 Рацинови средби“. Таа додаде дека тројцата членови на жири комисијата, кои се чувствуваат како говорници, застапувачи, бранители на поетичката догма на Коста Солев Рацин што секогаш во естетичка смисла беше тангенцијална, радикална и иновативна, токму поради тоа внимателно ги прочитале 17-сетте пристигнати книги на распишаниот конкурс и одлучиле по 46-ти пат највисоката поетска награда во Македонија да им ја доделат на Сашо Димовски за романот „Петотот годишно време“ и на Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“.
„Тоа се двајца автори кои што само ја трошат четвртата декада од своите активни и богати животи. Соочени со небранливи факти и чувствувајќи се притоа навистна како гласноговорници на ктиторот, ментален, духовен,творечки на оваа награда и тоа како трасмитери кои треба да ја пренесеме неговата волја годинава ние, се решивме да ја доделиме рамноправно на двајца исклучително иновативни млади автори и македонски прозаисти. Двајца кои без да сакаат просто по сила, под диктат на своите незапирливи таленти завртија штотуку пред нас нов лист во историјата на македонската проза,“ рече д-р Лужина.
По врачувањето на наградите, лауреатот Димовски пред присутните се заблагодари со стихови посветени на бесмртната љубов додека лауреатот Јанковски упати благодарност до сите присутни кои беа дел од оддавањето почит на македонската култура кон Коста Солев Рацин.
„Поет кој преку своето творештво се обидуваше да понуди една можност за подобар свет, кој веруваше дека преку уметноста светот може да се направи подобро место за живеење. Независно од тоа колку бунтовно се однесува кон стварноста литературата секогаш ја поседува способноста да понуди нејзина алтернатива. Литературата ја има можноста кога светот ќе стане премногу брз таа да создаде нова форма на бавност. Кога она што се случува помеѓу нас сите го сликаат во црно бели тонови таа мора да умее да ги пронајде суптилните разлики меѓу крајностите. Да измисли нови дотогаш ненасетени нијанси. Кога работите стануваат премногу гласни, толку гласни што зборовите стануваат шумови, таа може да открие нова мелодија на тивкоста која појасно се слуша од било која какофонична гласност,“ рече Јанковски.
Претходно, на проф д-р Борислав Павловски, Македонец кој живее и твори во Загреб, му беше доделено „Почесното Рациново признание„ за 2016 година за афирмација на македонскиот јазик и култура во Република Хрватска. Тој работи на Катедрата за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултетот во Загреб и е автор на првиот македонско – хрватски и хрватско – македонски речник а од над педесеттината научни трудови неколку посветил на животот и делото на Кочо Рацин.
„Голема чест ми претставува добивањето на ова признание. Има повеќе причини за тоа тоа не треба многу да се зборува бидејќи јас сум човек што треба многу да работии си седнав денеска попладне за да сработам од тоа што го знам најдобро да го сработам па одлучив да ви прочитам дел од тоа,“ рече Павловски.
Тој потоа пред присутните прочита дел од штотуку преведените стихови на хрватски јазик од наградената стихозбирка „Сјај и страв и песни“ на Даница Лепојевиќ Ивановска, годинешната добитничка на наградата „Антологија на болката“, еден фрагмент од романот „Ана Комнена“ на Сашо Димовски и стихови од Антологија на болката на Кочо Рацин./У.Ј