Прво јавно објавување на четири фотографии од семејниот фонд на фотографското семејство Манушеви (ФОТО)
Во неисцрпената ризница од повеќегодишното работење на познатите велешки фотографи Дамаскин и неговиот син Љубе Манушев , пронајдовме четири досега необјавени фотографии. Две од нив се направени во 1919/1920 година, на локација главна улица во Велес поточно во делот на денешниот плоштад Саармале. На нив Дамаскин го фотографирал и синот Љубе Манушев. На двете фотографии убаво се гледаат старите дуќани од надалеку познатата велешката чаршија а во позадина на едната се гледа зградата на тогашната Општина додека на втората фотографија се гледаат и јаворите на Саармале.
На трета фотографија мајстор Љубе Манушев со апаратот засекогаш го овековечил влезот на некогашниот Безистен што се наоѓал во старата велешка чаршија. Така фотографот им овозможил на повеќе генерации, освен современиците, да видат дека овој повеќе векови стар објект тогаш постоел но не и денеска.
Секако најинтересна е фотографијата на понтонскиот мост на реката Вардар што Манушев го фотографирал во 1941 година. На оваа фотографија се гледа како германските војници преку него ги пренесувале тенковите од левата на десната страна на Велес. Оваа фотографија мајстор Манушев ја направил крадешкум откако германските војници му забраниле да фотографира.
Ова е прво јаво објавување на овие фотографии што на порталот Дума му го овозможи семејството на познатите велешки фотографи. Првите три фотографии се стари 96 години додека последната, четврта фотографија е фотографирана пред 75 години./ С.А.