Изложба на фотографии на новинарката Каролина Мицевска во Велес
Цркви и манастири од земјава и од светот, како и уште многу други објекти на кои јасно е изразен спојот на духовното и природните убавини, преку фотографиите на новинарката Каролина Мицевска од Прилеп, вчеравечер без изложени пред очите на велешката јавност.
Со дваесет и четирите фотографии, Мицевска на велешани им ги претстави своите впечатоци од земјите низ кои пропатувала приватно и како новинар. Таа со својот фотоапарат постојано ги овековечува настаните, случките и луѓето од нејзината непосредна близина, но не ги задржува за себе туку недвокбено и ги пренесува на јавноста.
„Јас како новинар, долгогодишен дописник на Нова Македонија, постојано сум со фотоапаратот во раце. Сакам да ги фотографирам манастирите и сите оние објекти кои во прв момент ќе ми остават силен впечаток. Морам да истакнам дека на овие фотографдии што вечерва ги изложувам во Велес нема ниту ронка фотошоп, сите се онакви какви што се излезени од фотоапаратот. На нив нема никаква интервенција, такви се како што се во мигот создадени“, рече Мицевска.
Изложбата од фотографии на Мицевска носи наслов „Момент на впечатоци“ и е продолжение на првата нејзина изложба. Таа претставува комбинација на фотографии од нејзиниот студиски престој во Русија и од Македонија. Фотографиите на Мицевска ќе можат да ги видат граѓаните на уште неколку други градови во земјава./Д.С