„Кога Боговите умираат“, најнов роман на писателката Весела Димова
За границите што го делат нормалното од лудилото и за судбината на една надпросечно интелегентна жена која ја фрла во канџите на абнормалното, станува збор во најновото прозно дело на светиниколчанката Весела Димова „Кога Боговите умираат“ Централниот и единствен лик во романот е Јана Јадовна, исклучително мудра и надарена жена, писател и студент со положен правопсуден испит. Во романот писателката ја опишува горчливата вистина дека многу полуди шетаат слободно и прават кариери, додека вистинската интелегенцијата се затвора и се држи во заточеништво. Во рецензијата на писателот Венко Андоновски за романот на Весела стои дека „лудилото“ е многупати на чекор од генијалното и токму затоа е жигосано. И дека тоа е невиното заробено од гнасни души. Андоновски исто така ќе напише дека луѓето полудуваат од љубовна бол или од неправдите на општеството.
„Романот станува јасен романизиран есеј за лудилото, за неговата појава и за неговата злоупотреба. За таа злоупотреба, впрочем, пишуваа повеќемина флозофи, од кои се издвојува сепак Мишел Фуко. Тој најдобро покажа дека лудниците и затворите се места за интернација на она што е непожелно за просекот, но тука, покрај потпросечното, најчесто завршува и натпросечното. А романот токму таа нишка ја зема за една од основните трансверзали на својата приказна. На крајот, ликот на Димова завршува така што решава да расчисти со сите лажни богови во нејзиниот живот – љубовници и лекари-психијатри. Таа разбира дека единствениот пат на сопственото душевно здравје поминува низ самиот себе и дека е толку тесен што на него има место само за еден – за оној кој сака да остане здрав во овие луди времиња, пишува Андоновски во својата рецензија за романот.
Романописателката Весела Димова инаку е правник по професија. Но нејзината најголема љубов секако е пишаниот збор, со кој се дружи уште од најраното детство. Романот „Кога Боговите умираат“ претставува прв дел од трилогијата на Димова што има намера да ја напише и објави во иднина. Вториот том веќе го пишува и е насловен како „Одбележана“ а за третиот одбрала наслов „На крајот од патот“. Во својата писателска кариера има објавено неколку романи кои оставиле траен белег во историјата на македонската литература./Д.С