Градската библиотека „Гоце Делчев“ спроведе кампања „Прочитај приказна“
05.04.2021
Локална библиотека „Гоце Делчев“ од Велес одбележувајќи го 2 април – Светскиот ден на литература за деца организираше онлајн поетско читање, изложба на книги за деца и едукативни работилници.
Во соработка со Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ се реализираше онлајн поетското читање на кое поезија читаа поетесите Лили Арсова, Јасмина Ѓорѓиева, Наташа Брезовка Богоевска, Ели Маказлиева и Соња Гаврилова.
Ученици од 4 и 5 одделение од Основното Општинско училиште „Васил Главинов“, беа дел од капмањата „Прочитај приказна“ со цел едукација и запознавање со книги за деца.
Поетесите ги мотивираа децата да читаат со љубов, со цел да го збогатат својот речник и начинот на изразување додека присуството на изложбата го зголеми интересот за читање на книги што не се дел од задолжителната лектира.
-Во услови на пандемија, добро ни дојде дружењето со книгата,бидејќи книгата за деца е најдобриот пријател и подарок за секое дете.Таа може да биде сликовница со илустрации, со приказни, со бајки или пак со песни.Таа на секое дете му носи знаење и многу љубов, рече Гордана Васковска в.д директор на Локална библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.
На овој начин градската библиотека во Велес ги поттикна децата да читаат со љубов, да го збогатат својот речник и да го подобрат начинот на однесување.
Инаку, Меѓународниот ден на литература за деца се слави од 1967 година, во чест на роденденот на данскиот писател Ханс Крисијан Андерсен, автор на голем број бајки за деца , како што се „Палешка„, „Грдото пајче“,„Принцезата на зрно грашок“ и други.
Стефани Манева