Промовирана стихозбирката „Созвучност на ехото“ на Божидар Јовиќ
17.09.2020
Една од најзначајните поетски карактеристики на Божидар Јовиќ претставува постојаниот наплив кој доаѓа од срцето и умот, а е изразена со љубов кон човековите вредности и промени во природата. Душата не може да го чува творечкото чувство во себе, зборовите добиваат форма во полното јадровито поетско раскливување и го отвораат животниот хоризонт на постоењето.
– Од самиот почеток во стихозбирката „Созвучност на ехото“ творечкиот пат е проникнат со естетско проникнување на умот и срцето во просторот со особена поетска индивидуалност. Светлината ја испорачува и препознава во добрината, гордоста и човечноста, свето ја поттикнува човековата доблесност во разумот на зборовите: sonte sua, sine lege „по својата воља, а не по одредување“, секогаш во потрага по доброто и убавото опкружувањето. Едновремено треба да ја истакнеме особената форма во изразување на чувствата, со реално и препознатливо доближување до коренот на книжевниот повик: „ Избриши ги наметнатите мисли; светот е прекрасен!“ преку кои тој ги открива душевните напојувања и со мера на полн поетски израз ја истакнува реалноста во просторот и животот на човекот, рече во освртот кон книгата „Созвучност на ехото“ поетесата Родна Јанчева.
Промоцијата на последната, деветта книга, стихозбирката „Созвучност на ехото“, се случи во Ликовниот салон во Велес каде пред колегите од Клубот на писатели „Кочо Рацин“, пред колеги од образовните институции, пријатели и почитувачи на пишаниот збор авторот Јовиќ рече дека инспирацијата постои во секој човек кој често пати сам себе се преиспитува, се осознават.
– И токму така верувајте дека добрината, почитта, љубовта, егзистенционалните потреби можеме да ги пренесуваме и кон другите. Љубовта не е само површна работа. Ако се искаже само со збор а ја нема во јазикот, во односот, во очите, во насмевката, на лицето и ако не ја препознаеме тогаш нема да може да споделиме никаква добрина од себе си, рече авторот Јовиќ на промоцијата на своето последно дело.
М-р Божидар Јовиќ е автор на девет книжевни дела и како поранешен просветен работник на две стручни книги од дидактика и методика. Веќе подготвува ново книжевно дело „Развојни вредности“ посветено на прогресот на стопанството, на земјоделството поточно на менаџерите кои е потребно да се препознаат во однесувањето кон луѓето, да ги почитуваат квалитетите и нормите на однесување ./У.Ј