Прв пат кино на отворено во Велес (ФОТО)
5.07.2020
Околу двеста посетители во стотина возила паркирани на паркингот пред супермаркетот Кит-Го,вчера вечер, беа дојдени да го изгледаат филмот Судар (Collide) во рамките на културниот настан Drive In Cinema кино на отворено во Велес. Тие создадоа неверојатна глетка што претходно повозрасните граѓани раскажуваат дека ја гледале на филм.
Настанот започна во 22 часот со тоа што посетителите на големо платно го следеа филмот додека звукот го слушаа на радијата во автомобилите.
Во услови на епидемија на корона вирус, кога во Велес, нема други настани, Drive In Cinema кино на отворено за младите велешани претставуваше големо задоволство.
– Идеата е многу добра. За прв пат се случува во Велес и во државата. Ми се допаѓа што ваква идеја од странство се реализира во нашиот град. Филмот беше добар избор на организаторите и тоа е причина повеќе за вака големиот одзив, рече млад велешанец.
– Што да кажам, одлично си поминавме. Чувството да гледаш филм на големо платно додека преку радио во автомобил го слушаш звукот, прв пат го доживеав. Многу ми се допадна. Се надевам наскоро дека ќе има нов ваков настан за повторно да дојдам, рече млада велешанка.
Своето задоволство од одзивот на велешани не го криеја организаторите од Младинското здружение „Transparent Future“.
-Овој настан е организиран од група млади луѓе во градот, кои секојдневно се помеѓу младите кои констатираат дека ноќниот живот е многу сиромашен. Тој е производ на идеја што како единствен настан може да се организира во услови на Ковид-19. Мотото е „Од Велес за Велес“ затоа што сите вклучени лица во организацијата се велешани. Сите тие сакаат да му вратат на градот за тоа што им го дал. Одзивот на публиката беше многу голем затоа ќе продолжиме со организацијата но и на дрги поголеми простори, во Велес за да ги оживееме и да овозможиме доволен број на паркинг места за сите заинтересирани, рече Бубе Црвенпанов, преставник на здружение „Transparent Future“.
-Сакаме да опфатиме што поголем број на присутни сограѓани, од различни генерации, затоа ќе продолжиме. Нашата сел беше во услови на коронавирус да организираме културен настан безбеден по здравјето. Мислам дека вечерва успеавме, рече Гордан Јорданов, преставник на здружение „Transparent Future“.
Првото Drive In Cinema го поддржа Општина Велес.
Ивана Мирчевска